Љупчо Милошески: Мартин е прекрасен млад човек, дојдете на концерт да му помогнеме!

- Интервју, Локални
1640

Во хуманоста сите сме сполтени, затоа што кога е потребна помош за еден млад живот да продолжи да тече нормално, сите исто мислиме. Така е и за младиот Мартин Стојаноски, дваесет и три годишно момче на кое му е потребно лекување во Русија за повторно да застане на нозе. Повторно да настапува на сцена заедно со КУД „Илинден“ Струга и повторно да се врати на неговата втора љубов-фудбалот.

По тој повод, КУД „Илинден“ заедно со Балетското студио „БАХ“  организираат хуманитарен концерт и сите средства собрани од истиот ќе бидат за Мартин да го испратиме во Русија и од таму да добиеме добри вести. Концертот ќе се одржи утре со почеток во 17:00 часот на летната сцена при Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

За деталите околу концертот, во студиото на Play radio, разговаравме со Љупчо Милошески, кореограф во КУД „Илинден“.

Play radio: За КУД „Илинден“ ова не е само уште еден хуманитарен концерт во низата, вие сте емотивно поврзани со Мартин, бидејќи тој е ваш другар и член на вашето друштво. Во тој сплет на емоции и потребата се добро да се организира, како течеа подготовките и организацијата?

Љупчо Милошески: Со оглед на тоа дека сме искусни во организација на вакви големи настани, за нас организацијата на овој хуманитарен концерт не претставуваше проблем. Се сплотивме сите уметници кои твориме во струпкиот Центар за култура. Тука ќе ја споменам и Тања од Балетското студио „Бах“. Одлучивме да организираме еден хуманитарен концерт за да се соберат средства за нашиот Мартин. Се надевам дека се ќе биде добро и успешно, а стружани ќе проследат еден убав концерт со хумана цел.

Play radio: Имате многу гости и бендови на концертот, една навистина богата програма, кој се’ ќе настапи на летната сцена при Центар за култура „Браќа Миладиновци“?

Љупчо Милошески: Кога проструи информацијата дека организираме концерт за Мартин, одзивот беше навистина голем. Имавме повици од многу бендови кои сакаа да учествуваат. Им се извинувам на сите кои не успеавме да ги вметнеме во програмата, но навистина има многу бендови и изведувачи кои ќе настапат. Ќе настапиме ние како домаќини, КУД „Илинден“ Струга,  Студиото за танц „БАХ“ од Струга, Каролина- професор во СМУ „Тодор Скалоски“ – Тетоец, DJ Vasko Muki, Ексклузив бенд ни доаѓаат од Македонски Брод и се школски другари на Мартин, потоа, Антонио Пејоски , Рефреш бенд, КУД „Дримкол“ од Вевчани. На концертот ќе настапи и Ангел Стојкоски кој е член на нашето друштво, а сега гради соло кариера, а тука е и групата „Зарина“ која ја негува староградската музика. Во склоп на концертот ќе има и базар на храна, пијалоци, украси, рачни изработки и книги. Сето тоа е со цел да собереме што повеќе средства за Мартин. На концертот тука ќе биде и Кики Муки која ќе прави фото-сесии за сите оние кои сакаат да донираат, а истовремено да имаат фотографија за спомен на својот придонес.

Play radio: Билетите за концертот пред неколку денови беа пуштени во продажба, каков е одзивот? Колку се стружани хумани овој пат?

Љупчо Милошески: Стружани се секогаш сплотени и сложни кога се работи за хуманоста, луѓе од сите генерации купуваат билети и сакаат да помогнат и да уживаат во концертот. Секогаш се бара билет повеќе. Најавувам дека билети ќе можат да се купат и непосредно пред почетокот на концертот.

Play radio: За сите кои не го познаваат Мартин лично, каков е како другар и музичар?

Љупчо Милошески: Мислам дека во Струга сите го познаваат Мартин. Зборот „прекрасен“ е многу мал за да го опишам, тој е човек кој што секој би посакал да го има за другар. Го познавам многу одамна, член е во нашето друштво многу години. Најактивен беше кога го подготвувавме јубилејниот концерт по повод триесет и пет години постоење на КУД „Илинден“. Тој е прва хармоника во нашето друштво, хармониката е неговата најголема страст и најголема љубов. Го чекаме денот кога повторно ќе застане на сцена заедно со нас.

Извор: Play radio

Strugaonline

 

 

Facebook Коментари