Meдицинските лица во Струга протестираа против насилството врз медицинарите и се пожалиja на лоши услови за работа

- Локални
412

После  неколку случаи на напади врз лекари и медицински персонал во неколку болници низ Македонија, денеска здравствените работници излегоа на протест под мотото – „Доста е! Стоп за насилството врз медицинарите“.

Во протестот се вклучија и медицинските лица од Струга кои во период од 11:00 до 11:30 часот, својата пауза ја искористија за да излезат пред Здравствен дом во Струга и да кажат стоп за насилството врз медицинарите но и да ги потенцираат проблемите со кои се соочуваат кога станува збор за недостаток на кадар и лоши услови за работа.

Белите мантили се на удар, во струшката болница сме немале физички напади, но вербални конфликти имаме скоро секој ден. – вели Д-р Владо Кочоски, раководител на хирушкото одделение.

На новинарско прашање околу причините за незадоволство на пациентите, Кочоски истакна  дека најверојатно станува збор за низок праг на надразливост на нервите на одредени пациенти. Тој додаде дека пациентите сакаат се’ по принципот „сега и одма“, а докторите во Струга имаат премногу работа.

Доктор Кочоски вели дека медицинските лица се згрозени од физичките напади со кои одредени доктори и медицински сестри се соочија во неколку болници во земјава.

Исто така, Д-р Кочоски посочи дека во речиси сите одделенија од струшката болница има недостаток на кадар, апаратура, вели има и стара и нова, па медицинските лица се доведени во состојба да „крпат и импровизираат“.

Билјана Кузманоска е млад специјалист-интернист во струшката болница.

Зголемен е бројот на работни саати, и покриваме многу поголем реон, а не само Струга и околината. Бројот на пациенти се зголемува, а бројот на специјалисти е се’ помал. Најверојатно години нерационално менаџирање и несоодветно планирани специјализации ќе резултира со тоа дека Струга може да дојде до ситуација да работи  со по два доктори на оделение, ако е воопшто возможно на тој начин да се обезбеди работа 24/7. -вели Кузманоска.

Таа додава дека и покрај лошите услови за работа, постои и човечкиот момент и дека докторите се постојано изложени на вербални, а понекогаш и на физички закани со што дополнително се отежнува работниот процес.

„Пациентите очекуваат хуманост и добар однос од лекарите, ние само бараме да ни биде вратено на ист начин.“ – потенцира Д-р Билјана која моментално е на одмор, но дошла за да го поддржи протестот.

Таа вели дека и во актуелните услови, струшките доктори држат ниво на професионализам.

На лоши услови за работа се жали и радиологот Едмонд Весели.

Тој информираше дека во струшка радиологија недостасува соодветна опрема за работа,  има само двајца млади радиолози, а бројот на пациенти е се поголем.

Весели го поддржува протестот против насилството врз медицинските лица и вели дека медицинскиот персонал е под голем притисок токму поради големиот број на пациенти.

Извор и фото: Strugaonline

Facebook Коментари