На 27-ми декември започнува третото издание на „Drim Short “ фестивалот во Струга

- Локални
53

Под мотото  „Погледни под површината“, од 27-ми до 29-ти декември во Струга ќе се одржи третото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short “

„Под површината се крие магијата на филмот и цели нови универзуми, или корегирани рефлексии на светот во кој живееме. Таму филмските уметници кријат многу вистини за нашиот свет и преку филмското платно ја повикуваат публиката храбро да зачекори внатре. Од ,,под површината” секој може да понесе со себе по малку вистински вредности и размисли кои со сигурност ќе ја разубават и реалноста. Под површината на струшкото еднолично и црно-бело постоење, се крие културниот портал кон магијата на филмот, Drim Short 2019.“ – велат организаторите. 

Тимот на Drim Short напорно работеше да го задржи континуитетот, за фестивалот да стане традиција и во последниот декемвриски викенд да ви ги згрее срцата со над 40 различни кратки приказни од светот.

„Годинава имаме многу новитети кои со сигурност ќе им се допаднат на филмофилите, филмаџиите, студентите на филмските школи, за кои допрва ќе чуете. Првата новост на фестивалот е тоа што за првпат националната, студентската и интернационалната категорија ќе имаат натпреварувачки карактер. Регионалната програма прераснува во интернационална, а селекцијата ќе ја прави нашиот драг соработник и селектор Иван Бакрач.“-додаваат од дирекцијата на фестивалот.

Филмската програма ќе биде заокружена гостинска програма од реномираниот фествал на кратки филмови Interfilm од Берлин.

Потоа ќе има отворените мастер клас сеанси на теми кои сигурно ќе ги заинтересираат младите филмаџии, како и разговори со познати актуелни имиња од филмската уметност, кои пред публиката ќе ги пренесат своите искуства и ќе ги споделат импресиите од неодамнешните успеси. За крај , ќе се одржи музичката ОФФ програма како неизбежен белег на  фестивалот.

Strugaonline

Facebook Коментари