Лев банер Десен банер

Одбележани 102 години од изградбата на манастирот „Св. Јован Владимир“ во Подгорци

Со свечена богослужба, голем број верници и промоција на монографија, во струшкото село Подгорци беше одбележан празникот на Свети Јован Владимир и 102-годишнината од изградбата на манастирот „Св. Јован Владимир“, единствениот храм во Македонија посветен на овој светител.

По повод 4 Јуни – денот на Свети Јован Владимир, во манастирската црква се одржа света литургија во чест на светиот маченик. Богослужбата ја предводеше свештеникот Димитрија Павлески од Подгорци, во сослужение со свештениците Ристе Наумоски, Митре Попоски и ѓаконот м-р Ѓорѓи Наумоски.

Во рамки на прославата беше извршен и традиционалниот обред на кревање и пеење на светиот леб, кој секоја година го подготвува кумот на празникот. Годинашен кум беше семејството на Методија Мариноски.

Пред стотиците верници и посетители на манастирот беше промовирана и книгата „100 години Свети Јован Владимир – Подгорци 1924–2024“, авторско дело на свештеникот м-р Ристе Наумоски. Богато илустрираната публикација содржи 100 страници, исто толку фотографии и 11 факсимили, претставувајќи значаен документ за историјата на храмот и духовниот живот во Подгорци.

Промотор на книгата беше доцент д-р Никола Митровиќ, стручен соработник во Државниот архив во Охрид, кој истакна дека вековното постоење на храмот претставува сведоштво за верата, истрајноста и љубовта на генерациите што го граделе и чувале духовното наследство.

„Еден век не е само бројка, туку живо сведоштво за верата, истрајноста и љубовта на едно поколение и на сите што дојдоа по него“, нагласи Митровиќ во своето обраќање.

Авторот на монографијата, свештеникот м-р Ристе Наумоски, кој служеше во Подгорци од 1998 до 2024 година, покрај својата свештеничка дејност активно се занимава и со научно-истражувачка работа. Досега има објавено 14 книги посветени на црковната историја, духовноста и културното наследство.

Прославата уште еднаш ја потврди важноста на манастирот „Св. Јован Владимир“ како духовен и културен центар на регионот, кој повеќе од еден век ги собира верниците и го чува православното наследство на струшкиот крај.

Текст и фото: Стојан Кукунешоски

StrugaOnline

error: