Меѓународна велосипедска тура по повод Денот на Европа во Струга и Охрид
По повод одбележувањето на Денот на Европа, во сабота, на 6 јуни, ќе се одржи меѓународна велосипедска тура на која ќе учествуваат околу 80 велосипедисти и дипломатски претставници. Настанот има за цел да ги промовира европските вредности, одржливата мобилност и регионалната соработка.
Велосипедската колона ќе се движи со полициска придружба низ улиците на Струга и Охрид, при што се очекуваат повремени ограничувања во сообраќајот.
Турата ќе започне во Струга во периодот од 10:30 до 11:30 часот, со старт пред зградата на Општина Струга. Учесниците ќе се движат по улиците „Владо Малески“ и „Маршал Тито“ во правец кон граничниот премин Ќафасан.
Во попладневните часови колоната ќе пристигне во Охрид, каде од 15:15 до 16:30 часот ќе се движи по булеварот „Св. Наум Охридски“, булеварот „Туристичка“, булеварот „Македонски Просветители“ и Градскиот плоштад.
Потоа следува враќање кон Струга преку улиците „Партизанска“ и „Димитар Влахов“, а понатаму по Стариот пат Охрид–Струга (R1208), во периодот од 15:45 до 17:30 часот.
Од организаторите упатуваат апел до граѓаните на Струга да ги ослободат паркинг местата пред Општина Струга, Градската библиотека и главниот влез на НУЦК „Браќа Миладиновци“ најдоцна до 06:00 часот наутро во сабота. Забраната за паркирање на овие локации ќе биде во сила до 19:00 часот.
Покрај велосипедската тура, во Паркот на поезијата во Струга ќе биде организирана и дополнителна програма за граѓаните. Од 12:00 часот посетителите ќе можат да уживаат во базар, изложба и детска програма, со што прославата на Денот на Европа ќе добие и културно-забавен карактер.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да им дадат поддршка на велосипедистите и да бидат дел од настанот кој ја промовира европската соработка, активниот начин на живот и заедништвото.
StrugaOnline

