Официјално Димче Шипинкароски кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Струга

- Локални
506
Како што соопшти генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, од највисоките партиски органи на СДСМ официјално е прифатена кандидатура на Димче Шипинкароски за Градоначалник на Општина Струга.
Поддршката од најтесното партиско раководство на СДСМ, како и исклучително високото ниво на grassroots поддршка која секојдневно ја добивам од граѓаните на сите населени места во Општина Струга, покрај чест и задоволство, за мене претставува и огромна одговорност. Дополнителен стимул на едновремена чест и одговорност влеваат и резултатите од последните анкетни истражувања за Општина Струга, кои укажуваат значителна повеќепроцентна предност во однос на второрангираниот и треторангираниот кандидат, и речиси загарантирано прво место во првиот круг.
За мене и мојот тим, огромната одговорност значи и водење позитивна кампања, која наместо поделби и нетрпеливост помеѓу граѓаните, ќе донесе дополнителна кохезија во мултиетничкото струшко општество и унапредување на концептот #ЕдноОпштествоЗаСите. Целта е да понудиме алтернативна космополитска визија, како за нашиот прекрасен град, така и за целата Општина, со сите нејзини преубави полски, ридски и планински села.
Целата наша кампања ќе биде тројазична, на македонски, албански и англиски јазик и ќе биде насочена кон сите граѓани. Досегашната grassroots поддршка, која ми дава огромен мотив да влезам во овој предизвик, доаѓа и од муслимани, и од христијани, и од Албанци, и од Македонци, и од Торбеши, и од Турци, и од Роми, и од Египќани, и од Власи. Цврсто верувам дека етноцентричниот концепт на овие локални избори во Струга ќе биде фрлен на буништето на историјата, а следниот градоначалник ќе биде оној кој ќе биде силно поддржан и во Велешта, но и во Враништа, и во Радожда, но и во Радолишта, како и во Лабуништа и во сите останати населени места.
Во периодот кој следи, ќе оствариме голем број формални и уште поголем број неформални средби со граѓаните од целата струшка општина, посетувајќи преку 50 населени места. Средбите ќе ни овозможат да добиеме јасна слика за реалните инфраструктурни проблеми на граѓаните. На тој начин, ќе изработиме листа со приоритети, чија реализација ќе започне непосредно по преземањето на раководењето со Општината.
Македонија, Балканот, Европа и Светот ќе се уверат дека Општина Струга може и умее #УштеПовеќе и #УштеПодобро и дека стружани знаат да го одберат #НајдобротоЗаНашатаОпштина.
СТРУГА ❤ – Град-мозаик на заеднички живот и другарување. – вели Димче Шипинкароски кандидат за Градоначалник на Општина Струга.

StrugaOnline

Facebook Коментари