Охрид со богата петдневна програма ќе одбележи 1.110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 1.140 години од Охридската книжевна школа
Со свечени академии, промоции на книги, концерти, изложби и богослужби, Општина Охрид од 5 до 9 август ќе ги одбележи двата значајни јубилеи – 1.110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 1.140 години од основањето на Охридската книжевна школа, еден од најзначајните духовни и културни центри во словенската историја.
Свеченостите започнуваат денеска, 5 август, со Интернационалниот хорски фестивал „Свети Климент Охридски“, кој ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот.
Во рамки на програмата ќе биде промовирана и книгата „Охридска книжевна школа“ од авторот проф. д-р Димитар Пандев, во издание на Општина Охрид. Промотор ќе биде проф. д-р Бобан Карапејовски, а настанот ќе го модерира проф. д-р Перо Божиновски.
На 6 август во црквата „Света Софија“ ќе биде изведена културно-уметничката програма „Деца сме на Климента“, во која ќе учествуваат ученици од основните училишта во Охрид, како и детскиот црковен хор „Плаошник“.
Вечерта, на 7 август, во Центарот за култура ќе се одржи свечената музичка вечер „Деца сме на Климента“, на која ќе настапат познати охридски и македонски музички уметници.
Програмата продолжува на 8 август, кога во црквата „Свети Пантелејмон“ на Плаошник ќе биде одбележан празникот на преподобен Свети Климент Охридски – Чудотворец. Во вечерните часови ќе следува промоција на монографија посветена на Свети Климент Охридски, како и културно-уметничка програма.
Централното чествување ќе се одржи на 9 август, со света архијерејска литургија во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник. Во рамки на свеченостите ќе биде одбележан и значајниот јубилеј – 35 години од возобновувањето на монашкиот живот во манастирот, а ќе бидат доделени и наградите и признанијата „Свети Климент Охридски – Патрон на Охрид“.
StrugaOnline

