Охрид SOS: На парцели помеѓу Струга и Калишта се поставуваат бетонски огради, се пали трска и друга вегетација среде бел ден

- Локални
1897
После палењето на трски и други активности на парцели помеѓу Струга и Калишта, своја реакција до медиумите испрати и Граѓанската иницијатива Охрид SOS. Истата ви ја пренесуваме во целост:
„Продолжува самоволието на одредени поединци, на кои не им пречи постојаниот притисок, медиумско експонирање на проблемот изминатиов период, па на одредени парцели помеѓу Струга и Калишта тампонираат, поставуваат бетонски огради, палат трска и друга вегетација среде бел ден, а на повеќе локации се депонира и градежен шут. Се чини како да е ова ничија земја, како да не важат овде законите на државата, како да нема никаква контрола од надлежните институции. 
Максимално се користи секој момент, имајќи ја предвид најавата на Владата дека ингеренциите за плажите во Охрид и Струга ќе преминат од општинско на државно ниво. Не се знае кој узурпира, кој гради, на терен беа лица со приватни возила, израмнет терен, на неколку места изградени објекти непосредно до езерото, паркирани возила, оградено со жица. Во прилог само неколку фотографии. Глетката е ужасна. Оваа ситуација не беше спомната во одговорот на македонските институции до УНЕСКО. Свесно е премолчено ова намерно уништување на природата, појасот трска кој е овде најконзистентен. Сите молчат, локацијата е надвор од градот, незабележлива, што е уште еден поволен момент за овие узурпатори. “
Од Граѓанската иницијатива Охрид SOS во својата рекација ги повикуваат медиумите да ја посетат спомената локација и да ги евидентираат дејствијата.
Извор и фото: Охрид SOS

Facebook Коментари