Општина Струга со остра реакција после одлуката на Владата плажите да се вратат во првобитна состојба

- Локални
661

На предлог на Министерството за транспорт и врски Владата на Република Северна Македонија на  63-та седница ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба.

Со оваа Уредба се задолжува закупецот да го врати во првобитна состојба градежното земјиште кое било предмет на краткотраен закуп предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, а за кое временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат.

Денеска со став за оваа уредба излезе Општина Струга. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост

„Сметаме дека последната Уредба во врска со примената на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба односно отстранување на објектите и на урбаната опрема е популистичка одлука која има за цел да освои гласови пред парламентарните избори. Оваа Уредба се донесе во време кога Општина Струга побара да се донесе Закон за плажи што ќе се однесува на целата територија на Република Северна Македонија, со исти услови за сите концесионери. Донесувањето на оваа Уредба не само што ќе го спречи користењето на плажите на праг на туристичката сезона што значително ќе влијае на економскиот развој на Општината, туку ќе предизвика и загадување на крајбрежјето, што за нас како институција е крајно неприфатливо. Фактот дека се наоѓаме во вонредна состојба со тоа што земјата има претрпено пад на економијата, особено кога станува збор за туристички град каде што концесиите и плажите се клучен дел од развојот на локалната економија, имено каде што приходот на локалните бизниси и на голем број граѓани на Општина Струга зависaт од секторот за туризам, кажува многу за тоа дека оваа одлука на централната власт е избрзана и погрешна. Во овој случај, Општина Струга ќе достави иницијатива до Уставниот суд бидејќи Уредбата е спротивна на Уставот, законот за локална самоуправа, законот за животна средина и законот за градежно земјиште.

После сите тешкоитии и состојбата предизвикана од пандемијата, се очекуваше Владата да ни излезе во пресрет и да ни помогне,  а не да ни наштети повеќе.

На крај, апелираме Владата да ја преиспита Уредбата и да се занимава повеќе со ситуацијата предизвикана од KОВИД 19 бидејќи остава впечаток дека не се управува како што треба.“ – стои во реакцијата од Општина Струга.

По ова прашање се произнесе и градоначалникот на Општина Охрид, тој има спротивен став од струшката локална власт.

Ја поздравувам Уредбата со законска сила која ја усвои Владата на Република Македонија за примена на Законот за градежно земјиште, во делот на управувањето со плажите, објави на неговиот профил на Facebook д-р Константин Георгиески, градоначалник на општина Охрид.

Со ова очекувам конечно да се стави ред во искористувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро за туристички цели, кое се провлекуваше како проблем, години наназад. Оваа одлука придонесува за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, кои се во насока на минимизирање на заканите на исклучителната универзална вредност. Тука особено се потенцира важноста за воспоставување на поголема контрола на крајбрежната трансформација за целите на масовен туризам и зголемена контрола врз уредувањето на постојните плажи. Оваа уредба значително ќе придонесе и во насока на исполнување на препораките од УНЕСКО, во делот на стопанисувањето со крајбрежјето, порача Георгиески.

Strugaonline

Facebook Коментари