Отворено новото спортско игралиште во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Струга
Денеска во 16:00 часот свечено беше пуштено во употреба новото спортско игралиште во дворот на ООУ „Браќа Миладиновци“ Струга. На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќyра, министерот за спорт на Република Македонија Борко Ристоски, како и директори на јавни претпријатија и претставници на политички партии.
Новото игралиште претставува значајна инвестиција во подобрување на условите за спорт и рекреација на учениците, како и во унапредување на нивниот психофизички развој.
Градоначалникот Менди Ќyра во својата изјава истакна дека проектот е реализиран за краток временски период и има големо значење за заедницата:
„Благодарам што сте тука. Заедно со министерот за многу кратко време успеавме ефикасно да го завршиме овој проект кој е од големо значење за сите. Како општина, но и како Влада, се стремиме да обезбедиме подобри услови за здрав развој на младите. Сакам да изразам благодарност до министерот, како и до премиерот кој беше директно вклучен во реализацијата на проектот.“
Министерот за спорт Борко Ристоски нагласи дека вложувањата во спортската инфраструктура се клучни за развојот на младите:
„Ова е околу педесеттото игралиште што го реализираме. Иако не станува збор за професионален спортски терен, неговото значење за децата е огромно. Наш приоритет се младите и создавањето услови за нивен правилен развој. Ќе продолжиме со изградба на вакви мултифункционални игралишта, но и со поголеми капитални инвестиции, вклучително и нови спортски сали и завршување на започнати проекти.“
Директорката на училиштето, Рудина Купа, изрази благодарност за реализацијата на проектот:
„Овој проект е од огромно значење за нашето училиште и за нашите ученици. Се надевам дека во иднина ќе продолжиме да добиваме ваква поддршка. Ви благодарам во мое име и во име на целиот колектив.“
Со реализацијата на овој проект, учениците добиваат современ простор за спорт и рекреација, што ќе придонесе за нивниот правилен развој и поквалитетно образование.
StrugaOnline

