Лев банер Десен банер

Поради извршна постапка попречена продажбата на аудито на Општина Струга

Од Општина Струга реагираат по интересот на медиумите во врска со процесот на продажба на службеното возило „Ауди А6“, кое е во сопственост на општината, појаснувајќи дека одлуката за негова продажба била најавена уште на почетокот на мандатот на градоначалникот Менди Ќура.

Од локалната самоуправа информираат дека градоначалникот јавно соопштил дека возилото ќе биде продадено, а средствата од продажбата ќе се искористат за набавка на комбе кое ќе биде на располагање на општинската администрација, спортските клубови во градот, како и на Центарот за деца со посебни потреби.

Сепак, реализацијата на оваа одлука во моментот е попречена поради извршна постапка поврзана со долг наследен од 2016 година во износ од околу 1,4 милиони денари. Поради каматите и пресметките што се вршат од 2018 година, долгот во моментов достигнал околу 3 милиони денари.

Од Општината посочуваат дека извршните постапки со кои се соочува локалната самоуправа се бројни, а токму активирањето на оваа постапка од страна на извршителот го усложнило процесот на продажба на возилото.

Градоначалникот Ќура, како што наведуваат од Општина Струга, е во комуникација со сите засегнати страни со цел да се најде решение и процесот да заврши на начин што ќе биде во интерес на граѓаните.

Од локалната власт додаваат дека овој случај е уште еден показател за тешката финансиска состојба која општината ја наследила од претходните години, но потенцираат дека раководството останува посветено на транспарентно управување со општинските финансии и изнаоѓање решенија во корист на граѓаните.

StrugaOnline

error: