Со новиот број, ревијата „Бранувања“ одбележува десет години постоење

- Локални
151

Излезе од печат новиот 19 – ти број на меѓународната ревија за литература, култура и уметност „Бранувања“, што ja издава Културниот центар „Бран“ од Струга. Изданието е посветено на десетгодишнината од постоењето и активностите на литературната ревија и на манифестацијата Струшки книжевни средби, која се одржа и годинава на која беа доделени книжевните награди (за целокупното литературно дело, за необјавена песна и за необјавени книги поезија и проза).

Новиот број на „Бранувања“ донесува нови прилози на  книжевни теми од Мерсиха Исмајлоска, Даниела Андоновска – Трајковска, Васил Тоциновски, Весна Мундишевска – Вељаноска, потоа нови песни од Игор Крајчев, Даница Ивановска – Лепоевиќ, Наташа Алексова, Снежана Стојчевска и Верица Мукоска, додека во делот на преведени странски автори објавени се песни на Новица Соврљиќ (Косово), Илир Пеја (Албанија), Марија Кобетс (Белорусија), Станислав Чандиновиќ – Ли ( Казахистан), Соња Цекова – Стојаноска (Словенија), Љубиша Симиќ и Саво Костадиновски ( Германија).

Исто така, во новиот број на ревијата за литература, култура и уметност „Бранувања“ е објавено Слово за Владо Малески по повод 100 – годишнината од неговото раѓање и 35 години од смртта, како и интервју со Петко Шипинкаровски, главен и одговорен уредник на „Бранувања“, организатор на манифестацијата Струшки книжевни средби и претседател на културниот центар „Бран“ во Струга.

Во новоизлезениот број на меѓународната ревија за литература, култура и уметност „Бранувања“ се објавени и неколку рецензии/прикази за новоизлезени книги, два раскази, како и книжевни студии посветени на творештвото на македонските писатели Димитар Пандев и Мустафа Спахиу и неколку текстови на актуелни теми и коментари за културните настани кај нас и пошироко.

Strugaonline

Facebook Коментари