Струшките медицински работници и’ oддадоа последна почит на медицинската сестра Дијана Димоска

- Локални
1387

Со едноминутно молчење во дворот на Општина болница Струга, струшките медицински работници денеска и оддадоа почит на нивната колешка, медицинската сестра Дијана Димоска вработена во ЈЗУ Општа болница Охрид , која пред неколку дена почина од компликации од вирусот ковид 19.

,,Длабоко не’ растажи веста за смртта на нашата колешка, сестра Дијана беше посветен медицински работник и како и сите нас , беше во првите редови во борбата со невидливиот непријател. Во име на нашата професија, должност, но и желба да се грижиме за пациентите од почетокот на епидемијата веќе долг период сме изложени на голем ризик и на секојдневен голем стрес поради состојбата со вирусот. Секој живот е важен, и вашиот и нашиот, затоа уште еднаш упатувам апел до сите, почитувајте ги мерките за да ја добиеме оваа битка, на тој начин ќе ни помогнете нас и ќе се заштитите себе и своите најблиски. Сестра Дијана денеска требаше да го прослави својот 49-ти роденден, а наместо тоа ние сме овде да и упатиме последен поздрав и почит. Тажно е што изгубивме млада колешка и секогаш ќе биде во нашите сеќавања. ,, – изјави за Strugaonline Г-ѓа Бранкица Мартиноска, главна медицинска сестра во Општа болница-Струга.

Во чест и сеќавање на сестра Дијана Димоска, се слушнаа и сирените на возилата од итната медицинска помош при Здравствен дом Струга.

Медицинска сестра Дијана Димоска беше родена на денешен ден во 1971 година во Загреб, Својот професионален ангажман го започнала во 1993 година на одделот ОРЛ, потоа во невропсхијатриски оддел, а последните години беше дел од тимот во одделението за интерни болести во Охридската болница.

Извор: Strugaonline

Facebook Коментари