Струшките пензионери го одбележаа 20 септември денот на пензионерите и 80 години од основањето на Здружението
Со свечена средба, дружење и пригодна програма, во комплексот на Црвениот крст „Солферино“ во Струга беше одбележан 20 Септември – Денот на пензионерите, но и значајниот јубилеј – 80 години од основањето на Здружението на пензионери од Струга.
На свеченоста присуствуваа членови на Собранието и Извршниот одбор на Здружението, претседатели на ограноците и комисиите, како и други гости од Општина Струга.
За значењето на Денот на пензионерите и јубилејот зборуваше претседателот на Здружението на пензионери – Струга, Минир Мамуди, кој потсети на традицијата на одбележување на годишнината од формирањето на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија.
Тој истакна дека ваквите одбележувања се можност за пензионерите да се дружат, разменуваат искуства и заеднички да учествуваат во различни културни, спортски и други активности.
Мамуди на сите пензионери им го честиташе празникот, посакувајќи им пред сè добро здравје, среќа и долг живот, како и уште многу години заедничко дружење.
На свеченоста за првпат присуствуваше и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, кој на пензионерите им го честиташе нивниот ден и им посака продолжување на традицијата на вакви средби.
Ќура порача дека Општина Струга ќе продолжи да го поддржува Здружението и неговите членови, истакнувајќи дека вратите на општината се отворени за струшките пензионери.
Одбележувањето на 20 Септември годинава има посебно значење за струшките пензионери, бидејќи се одбележува и 80-годишниот јубилеј на Здружението на пензионери – Струга (1946–2026), со што се потврдува долгогодишната традиција на организирано пензионерско дружење и активности во градот.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

