Тања Бах: Балетското студио „БАХ“ нуди попусти и изненадувања за сите нови членови од прв уписен рок

- Локални
999

Во денешното издание на емисијата Play cafe што се емитува на Play radio гостуваше Тања, кореограф и идеен творец на Студиото за танц „БАХ“ кое постои дваесет и пет години. Студиото негува долга традиција благодарение на визијата која Тања ја имала уште од самиот почеток, а кога нештата се работат со љубов, успехот очигледно е неминовен. Со Тања разговаравме за новата танцова сезона во балетското студио, актуелните уписи и годишниот концерт кој ќе го носи насловот „Журка“ како и  за сите изненадувања кои баховки ги подготвуваат во овој период.

Play radio: Започнаа уписите за оваа танцова година во Балетското студио БАХ, а во изминативе 25 години се покажа дека во Струга има многу љубители на танцот и таленти кои сакаат со танц да се занимаваат професионално. Која е бројката која се очекува годинава?

Тања Бах: Во Струга има константно дечиња кои се заинтересирани за танц. Првиот уписен рок започна на први септември, а ќе трае до петнаесетти септември, додека вториот уписен рок е од 15-ти септември до 1-ви октомври. Веќе започнаа да се пријавуваат заинтересираните деца. Важно е да се напомене дека децата кои ќе се пријават во првиот уписен рок ќе имаат попусти и изненадувања. Инаку, со вежбање почнуваме од октомври бидејќи оваа година ни се поклопи концертот и најважно е на децата да им се посветиме кога ќе бидеме послободни. „БАХ“ постои 25 години, вклучувајќи го и периодот кога јас танцував. Со деца работам околу шеснаесет години , со тек на време сите танцот го прифатија како култура на живеење во Струга. На почетокот беше и чудно и интересно, бидејќи луѓето не веруваа дека од танцот може да се направи култура на живеење и создавање. Тоа не е само танц, јас на родителите секогаш им кажувам да немаат никакви очекувања во првите три години. Најпрво, добро е за телото бидејќи правиме вежби за растегнување на телото, се грижиме за физичкиот развој на децата и тоа со стручни вежби. Потоа доаѓа психичкиот развој на детето во смисла на социјализација, дружење, стекнување нови познанства и пријателства. Тоа се првите важни сегменти од процесот, потоа кога детето ќе навлезе во креирање, кореографија и слично можеме да видиме дали има талент и дали ќе продолжи да се занимава со оваа уметност.

Play radio: На кој начин можат да се пријавуваат сите оние кои сакаат да станат дел од вашето танцово семејство и да учествуваат во сите активности планирани за периодов кој што следува?

Тања Бах: Студио за танц „Бах“ e во Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Ние сме таму секој ден во период од 17:00 до 21:00 часот, вежбаме во постојаните термини со веќе постоечките членови. Сите заинтересирани можат лично да дојдат да се запишат или на телефонскиот број 078 447 530 или да ни пишат на нашата фан-страница.

Play radio: Сите љубители на танцот во Струга, во овој период го очекуваат големиот годишен концерт за кој се подготвувате интензивно. Годинава ќе има ЖУРКА, зошто „ЖУРКА“?

Тања Бах: Oваа година славиме јубилеј, славиме дваесет и пет години и тоа не е мала работа. По тој повод за оваа 2019 година имав најавено три проекти, првиот беше „Моден ден“ што успешно се одржа во март, потоа за светскиот ден на танцот направивме танц-парада, нешто многу интересно и убаво што за прв пат се одржа во Струга и мислам дека ќе премине во традиција. Овие два проекти поминаа одлично, и со медиумско и со внимание од публиката. Третиот, најтешкиот проект остана за сега, а тоа е нашиот годишен концерт на кој работиме цело лето. Изминативе години имавме „Пепекашка“, „Убавицата и sверот“, „Улица поинакви“ , минатата година беше „Временска машина“ , навистина преубави приказни, но годинава сосема бегаме од тој концепт. Ќе направиме опуштена журка. „Журка“ затоа што славиме јубилеј.

Play radio: Што се’ ќе има можност да види и доживее публиката на концертот „ЖУРКА“?

Тања Бaх: Сите присутни ќе доживеат педесет-минутна опуштена забава на сцена, модерни, слободни точки , хип-хоп, слободни стилови и Show dance како наша специјалност. Оваа година ќе го изоставиме делот со приказна. Нема да откријам каква ќе биде сцената и замислата но можам да кажам дека ќе биде едно освежување бидејќи во овој период кога ќе биде концертот во Струга нема многу настани. Ветувам дека ќе биде задржано нивото од минатите години со професионална сцена, квалитетно осветлување и озвучување и ќе биде пократко од минатите години. Ветуваме одлична журка, посебно што минатата година забележавме дека на „Макарена“ и неколку други песни дел од луѓето во публиката станаа и играа и беше многу весело. Сакаме и оваа година да биде така, ќе има весели и живи песни, на тој начин ќе ја оствариме главната цел-а тоа е да ја расположиме публиката.

Извор: Play radio

Strugaonline

Facebook Коментари