Театар Вортекс од Скопје на 25 ноември гостува во Охрид со претставата „Кокошка“
Љубителите на театарската уметност во Охрид ќе имаат можност да проследат уште едно интересно сценско остварување. Театар Вортекс од Скопје на 25 ноември 2026 година ќе гостува во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, со театарската претстава „Кокошка“, работена според текст на рускиот драматург Николај Кољада.
Претставата ќе биде изведена во малата сала на Центарот за култура, со почеток во 20:00 часот, а цената на влезницата изнесува 300 денари.
Режијата е на Теодора Силјаноска, а во актерската екипа настапуваат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева.
„Кокошка“ е претстава која се занимава со универзалната човечка потреба за слобода, љубов, копнеж и соништата, дури и во свет во кој сè почесто владеат студенилото и апатијата. Преку приказна исполнета со апсурд, комедија и импровизација, на сцената се отвораат прашања за извитоперените вредности, моралот, суетата, лековерноста и внатрешните борби на човекот.
Актерите преку динамична сценска игра и импровизација создаваат свет во кој ликовите се соочуваат со сопствениот хаос, непредвидливоста и вистините кои често е тешко да се признаат. Во центарот на претставата е младоста – немирна, искрена и гладна за промени, која се спротивставува на рамнодушноста, стравот и наметнатите општествени навики.
Претставата носи силна порака за потребата од љубов, радост и слобода, потсетувајќи дека и во најзатворените системи постои желба за промена и нов почеток.
Станува збор за независен театарски проект реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам, Прилепска пиварница, Bonanca Urban и Кораб Трница.
Влезниците се продаваат на билетарата во Центарот за култура. Билетарата работи секој работен ден од 10:00 до 17:00 часот, како и на денот на изведбата од 13:00 до 20:00 часот.
StrugaOnline

