Лев банер Десен банер

Три леднички езера, една планина и безброј причини да ја посетите Јабланица – Рупикапра МТБ Струга ја промовира убавината на активниот еко-туризам

Јабланица, една од најимпресивните планини во Македонија, уште еднаш ја потврди својата природна убавина и потенцијал за развој на активниот туризам. Членовите на Здружението за планински велосипедизам „Рупикапра МТБ Струга“ реализираа кружна велосипедска тура долга 42 километри, со вкупно 1.650 метри искачување, при што ги посетија три од четирите леднички езера на планината – Горна Лабунишка Локва, Долна Лабунишка Локва и Подгоречкото Езеро.

Турата започна на околу 700 метри надморска височина, а велосипедистите се искачија до речиси 2.000 метри, минувајќи низ живописните Лабунишки и Подгоречки бачила. Патеката претставува комбинација од технички и физички предизвици, но секој совладан километар е награден со спектакуларни панорамски погледи и уникатно доживување на недопрената природа.

Јабланица е втората по големина планина во западниот дел на Македонија и се протега долж македонско-албанската граница. Нејзиниот планински гребен се издига над 2.000 метри во должина од околу 50 километри, додека највисокиот врв – Црн Камен – достигнува височина од 2.258 метри. Планината е препознатлива по богатата биолошка разновидност и е идеална дестинација за планинарење, планински велосипедизам и други форми на активен туризам.

Посебен белег на Јабланица се четирите леднички езера, создадени како природно наследство од последното ледено доба. Најголемо меѓу нив е Подгоречкото Езеро, сместено на околу 2.000 метри надморска височина, со максимална длабочина од 10 метри. Заедно со Горната и Долната Лабунишка Локва, тие претставуваат редок високопланински екосистем кој ја нагласува исклучителната природна вредност на ова подрачје.

Од „Рупикапра МТБ Струга“ велат дека ваквите тури не се само спортски предизвик, туку и можност за промоција на природните богатства на Македонија, развој на одржлив еко-туризам и подигнување на јавната свест за заштита на животната средина.

„Нашата цел е преку планинскиот велосипедизам да ги доближиме природните убавини до што повеќе луѓе, но истовремено да испратиме порака дека овие места треба да се посетуваат одговорно и да се зачуваат за идните генерации. Јабланица е планина што секој љубител на природата треба да ја доживее барем еднаш“, порачуваат од здружението.

Со секоја нова тура, „Рупикапра МТБ Струга“ продолжува активно да ги промовира природните богатства на Струшкиот регион, покажувајќи дека Македонија располага со исклучителни предели кои имаат потенцијал да станат препознатлива дестинација за домашните и странските љубители на активниот и одржлив туризам.

StrugaOnline

error: