Во петок Вевчани го слави Денот на непокорот и 30 години јубилеј од своето постоење
Под мотото „Вечер на непокорот“, Општина Вевчани на 7 август ќе организира свечена манифестација со која ќе го одбележи Денот на Вевчанскиот непокор и 30-годишниот јубилеј од своето постоење.
Од Општината истакнуваат дека 7 Август не е само датум во календарот, туку ден кој го симболизира достоинството, слободољубивиот дух и непокорот по кои Вевчани е препознатливо. Годинава, кога се одбележуваат три децении од формирањето на Општина Вевчани, празнувањето добива дополнително историско и симболично значење.
Свечената програма ќе започне во 19:00 часот во Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ со Свечена академија по повод 30 години Општина Вевчани. Во рамки на академијата ќе настапи пијанистката Елена Шутиноска со концерт на класична музика.
Во 20:30 часот ќе биде отворена осмата ликовна изложба „Вевчанските уметници од Вевчани за Вевчани“, на која своите дела ќе ги претстават автори од Вевчани, продолжувајќи ја традицијата на промоција на локалното уметничко творештво.
Вечерта ќе заврши со концерт на забавна музика на Анита Мицова, кој е закажан за 21:30 часот.
Од Општина Вевчани ги повикуваат граѓаните и посетителите да бидат дел од одбележувањето на овој значаен датум и заедно да ја прослават историјата, традицијата и иднината на Вевчани.
„Ве очекуваме заедно да ја одбележиме оваа значајна годишнина со гордост, почит и непокорниот дух што нè обединува нас, Вевчанци“, порачуваат организаторите.
„Вечер на непокорот“ претставува спој на историја, култура, уметност и музика, со кој Вевчани уште еднаш ќе ја потврди својата препознатливост како место со богата традиција, силен идентитет и непокорен дух.
StrugaOnline

