Утре со спектаклот „Опстанок“ охридскиот актер и стендап комичар Никола Тодороски одбележува 15 години стендап кариера
Петнаесет години по својот прв настап пред публика, охридскиот актер и стендап комичар Никола Тодороски го одбележува професионалниот јубилеј со спектаклот „Опстанок“, кој на 13 август на стадионот „Билјанини Извори“ ќе биде и големото финале на овогодишниот „Summer Comedy Marathon“.
Тодороски се навраќа на почетоците на својата кариера, во период кога стендап комедијата во Македонија сè уште беше малку познат жанр. Денес, според него, домашната стендап сцена е значително поразвиена, благодарение на ентузијазмот и долгогодишната работа на повеќе комичари.
„Пред 15 години луѓето не знаеја што е стендап. Денес тоа е многу попознат жанр, но тоа не е заслуга на еден човек, туку на сите колеги кои со години работеа да ја изградат сцената“, вели Тодороски.
Иако бројката од 15 години не ја доживува како нешто спектакуларно, токму јубилејот, како што вели, бил повод успехот да го сподели со публиката. Изборот на името „Опстанок“ е поврзан со потребата од позитивна енергија и заедништво во време исполнето со неизвесност и негативни вести.
„Шоуто се вика ‘Опстанок’ затоа што мислам дека на сите ни недостига момент на заедништво и позитивна енергија. Секојдневно сме изложени на лоши вести, економски проблеми и стравови кои ни ги празнат батериите. Сакам оваа вечер барем накратко да ни ги наполни повторно“, истакнува комичарот.
Тодороски се осврнува и на состојбите во културата, слободата на говорот и местото на уметниците во јавниот простор. Тој смета дека во медиумите и на телевизиите сè поголем простор добиваат содржини со сомнителен квалитет, додека домашните уметници често остануваат без доволно можности да ја покажат својата работа.
„Погледнете што ни се сервира во ударните термини. По телевизиите и медиумите најпопуларни се политичарите, а уметниците седат дома и немаат простор да ги покажат своите квалитети. Зошто да биде така? Македонските артисти треба да си го заземат своето место“, порачува Тодороски.
Според него, културната понуда е огледало на општеството. Ако на публиката со години ѝ се нудат исти содржини, тие со текот на времето стануваат мерило за вредност и квалитет.
Тодороски зборува и за улогата на уметноста во современото општество, слободата на говорот, почетоците на неговата кариера, но и за семејството, кое свесно го држи подалеку од јавноста. Неговите први настапи се потсетување на времето кога стендапот допрва ја освојуваше македонската публика.
„Може да имаме и пристојни примања, но ако немаме културен живот и ако немаме со кого да ги споделиме човечките емоции, ништо не сме направиле. Уметноста е најдобриот начин тие чувства да ги изразиме“, вели Тодороски.
Големото финале на „Summer Comedy Marathon“ на 13 август ќе започне со настап на DJ FACE, а за загревањето на публиката ќе се погрижи Никола „Братучед“ Сиљаноски. Како специјални гости ќе настапат популарното комичарско дуо Тино и Атанас, по што следува новото стендап шоу на Никола Тодороски – „Опстанок“.
Со оваа вечер Тодороски ќе одбележи 15 години на стендап сцената, но и ќе испрати порака дека во време на секојдневни грижи, токму хуморот, културата и заедничките моменти можат да бидат еден од начините за „опстанок“.
Билетите се достапни онлајн преку HAHAHA.mk и Tix.mk.
StrugaOnline

