Владата го утврди Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион

- Локални, Македонија
552

На  137 редовна седница, Владата на Република Северна Македонија го утврди Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, и донесе одлука тој да биде доставен на усвојување во Собранието на РСМ.

Во Предлогот на законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион се имплементирани обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура, и се создаваат формално-правни предуслови, преку интегрирано управување со природното и културното наследство, да се спречат активности кои негативно влијаат врз  исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион,  како и да се преземат мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата како фактор на одржливиот развој.

„Владата на РСМ посветено работеше на донесувањето на овој закон, и на седницата беше нагласено уверувањето дека со новиот состав на Советот за следење и координација на управувањето со природното и културно наследство во Охридскиот регион ќе се зголемат капацитетите за ефективно управување со природното и културното наследство во овој регион.“ -информираат од Владата на РСМ

Согласно предлог-законот Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион ќе се донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

До донесување на Планот времено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење и постапките за вклопување на бесправно изградени објекти и времено се прекинуваат постапките за изработување и донесување на урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации, како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко – плански и урбанистичко – проектни документации. Овие активности ќе продолжат по донесувањето на Планот за управување со природното и културното наследство.

Strugaonline

Facebook Коментари