Лев банер Десен банер

Во Охрид започнува 8 издание на Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“

Млади литературни таленти од Македонија, Албанија, Србија и Бугарија од денеска до 23 август ќе се дружат, творат и разменуваат поетски искуства

Охрид од денеска до 23 август 2026 година повторно ќе биде во знакот на литературата за деца и млади. Во организација на Здружението за литература и култура „Мацково“ од Охрид, по осми пат ќе се одржи Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“.

Станува збор за единствена манифестација од ваков карактер во земјава, која на едно место ги обединува младите литературни таленти од Балканот, овозможувајќи им преку поезијата да се запознаат, дружат и да ги споделат своите творечки искуства.

Свеченото отворање е закажано за денеска во 11:00 часот, во ЦОУ „Ванчо Николески“ во охридската населба Лескоец. Училиштето е единствената образовна установа во земјава која го носи името на Ванчо Николески – еден од најзначајните автори во македонската литература за деца и млади.

На свеченото отворање на учесниците ќе им се обратат претставници на училиштето и организаторот, Здружението „Мацково“, по што ќе следува кратка културно-уметничка програма во изведба на учениците.

Посебно место во првата фестивалска програма ќе има и поетскиот настап на младите учесници, меѓу кои се и добитниците на први награди на литературни конкурси во Македонија. Тие пред публиката ќе ги претстават своите творби и ќе покажат дека младата генерација има силен интерес и потенцијал за литературно творештво.

Во рамките на програмата предвидено е и полагање цвеќе и оддавање пиетет пред вечното почивалиште на Ванчо Николески, кое се наоѓа во Алејата на заслужните.

Учесниците на кампот ќе имаат можност да бидат примени и во Општина Охрид, како дел од активностите посветени на нивниот престој во градот.

Балканскиот поетски камп „Ванчо Николески“ низ годините прераснува во значајна културна средба на младите автори од регионот, поттикнувајќи ја љубовта кон пишаниот збор и создавајќи нови пријателства и културни мостови меѓу младите од различни земји.

StrugaOnline

error: