Лев банер Десен банер

Во Струга одбележан 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Во организација на Општинската организација на Сојузот на борците од Струга, денеска во центарот на градот беше одбележан 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, со положување свежо цвеќе пред споменикот на паднатите борци од Народноослободителната борба.

На свеченоста присуствуваа делегации од локалната самоуправа предводени од градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, претставници на политички партии, здруженија, невладини организации, училишта, месни заедници, Армијата, како и голем број граѓани од Струга и Струшко.

Делегацијата на Сојузот на борците ја предводеше претседателот на СБМ – Струга, Ајредин Мемеди, кој во своето обраќање истакна дека 9 Мај останува симбол на победата над фашизмот и темел на современата македонска државност.

„Нашата борба беше и остана дел од државотворните процеси што се стремат кон прогресивни, демократски и хумани цели. Поклонувајќи се пред жртвите и борците, се поклонуваме и пред Македонија и нејзиниот влог во слободата и цивилизацијата“, рече Мемеди.

Тој нагласи дека изборот на македонскиот народ во текот на антифашистичката борба бил Македонија да биде изградена како држава на слободата и еднаквоста за сите граѓани.

На одбележувањето цвеќе положија и претставници на Здружението на пензионери од Струга, претставници на Армијата од гарнизонот во Кичево, политички партии, како и почитувачи на делото на Јосип Броз Тито.

Организаторите порачаа дека сеќавањето на антифашистичката борба и жртвите дадени за слободата остануваат трајна обврска за идните генерации.

Текс и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ

StrugaOnline

error: