Во Струга претставена „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“

- Локални, Македонија
125

Во Струга  се одржа седмата, од серијата јавни дискусии за претставување на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“, кадешто свои обраќања пред граѓаните на Струга и регионот имаа заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, извршната директорка на Хелсиншкиот Комитет, Уранија Пировска и директорот на регионалната канцеларија за млади РИКО,  Алберт Хани.

Заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески во име на Владата на Република Северна Македонија, ги поздрави присутните и им се заблагодари за покажаниот интерес да дадат придонес во градењето на концептот за едно општество и интеркултурализмот.

„Оваа Влада во својата програма јасно стави до знаење дека ќе гради општество по мерка на граѓанинот. Владата е таа која што треба да создаде амбиент за да може концептот за едно општество и интеркултурализам да се гради и да се имплементира. Тоа пред се значи позитивно нормативно опкружување, пред се во областа на заштитата на човековите права. Исто толку е важно да се обезбеди функционалност на институциите и нивна ориентираност исклучиво кон потребите на граѓанинот“, истакна заменик министерот Павлевски и додаде дека овој концепт се заснова на седум главни столбови и ќе се имплементира преку различни секторски политики.

„Локалната самоуправа е еден од главните столбови, затоа што најголемиот број закони се имплементираат на локално ниво. Документот до фаза на нацрт е изграден во еден широк консултативен процес кој што трае скоро шест месеци. Многу од вас претпоставувам и сте учествувале. Овие предлози кои што главно дојдоа како предлози од граѓанскиот сектор повторно се пред вас на маса и веќе се консултираат во сите осум плански региони“, рече заменик министерот Павлевски.

Извршната директорка на Хелсиншкиот Комитет, Уранија Пировска рече дека се засегнати во повеќе аспекти на кои се осврнува Стратегијата за едно општество и интеркултурализам и дека се вклучени во повеќе работни групи по кластери, бидејќи самиот мандат на Хелсиншкиот Комитет е да ги штити човековите права на сите граѓани, а особено правата на маргинализираните групи.

„Во Стратегијата се ставени сите потребни сегменти за искоренување на феномените на дискриминација во нашето општество, како говорот на омраза, сегрегацијата на ранливите групи, поделбите врз основ на етничка, верска и политичка припадност и се надевам на нејзина успешна имплементација на терен. Според податоците на Хелсиншкиот комитет за човекови права, младите луѓе во државата се едни од најчестите споделувачи, но истовремено и жртви, на говорот на омраза. Единствениот начин на којшто оваа посебно ранлива група може да се избори со таквиот феномен е преку постојана едукација за причините што го предизвикуваат говорот на омраза и последиците коишто ваквиот говор неизбежно ги раѓа“, рече извршната директорка на Хелсиншкиот Комитет, Уранија Пировска.

Директорот на регионалната канцеларија за млади РИКО, Алберт Хани истакна дека Стратегијата за едно општество не зборува само за односи меѓу поголемите етнички групи, туку за односот помеѓу сите немонски групи.

„Дуализмот и паралелизмот кој последните 11 години беше присутен во нашето општество ни нанесе многу стравови, пасивност во познавање на другиот, различниот од себе и целокупната општествена кохезија. Ценам дека овој концепт е последен удар на национализмот и на опкружувањето на квази политичките елити, коишто за жал се збогатија од ваквите поделби. Затоа сум среќен што сум вклучен во работната група за Нацрт-текстот на националната стратегија за едно општество и интеркултурализам, во кластерот за млади, кадешто го давам мојот придонес, посебно во улога на директор на регионалната канцеларија на младите РИКО.

Учесниците на  дебатата ги поздрави и претседателот на Советот на Општина Струга, Ресул Каба, кој истакна дека ваквите јавни дискусии се многу важни за општеството, а особено за Струга каде живеат повеќе различни етнички заедници.

„Како носители на јавни функции ние секојдневно се сретнуваме со граѓани од различни заедници, кои ги прифаќаме и подржуваме и сме тука каде што сме поради нив. Потешкотии има могу, но со ваша подршка и помош, како и конкретни сугестии се надевам дека истите ќе ги надминеме“, порача претседателот на Советот на Општина Струга, Ресул Каба.

Помошник координаторот на кластерот медиуми во координативното тело за подготовка на националната стратегија, Петрит Сарачини го претстави Нацрт-текстот на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот“ пред учесниците, кои ја поздравија иницијативата за оваа Стратегија и за можноста да учествуваат преку изнесување на повеќе сугестии за намалување на поделбите и за создавање услови за подобро, подеднакво и покохезивно општество.

Следната јавна дискусија за Стратегијата е во Гостивар на 17 јуни

Strugaonline

Facebook Коментари