АХВ: Внимавајте каква храна конзумирате во услови на многу топло време

- Македонија
496

Новото најавено зголемување на дневните температури, кои според метеоролозите во одредени региони ќе надминат 40 степени Целзиусови, ги зголемуваат ризиците од појава на труење со храна. Високите температури претставуваат потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив, навреме не се преземат мерки за обезбедување на доволни количини безбедна храна и вода за пиење.

-За да се спречи појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, да се купува храна од проверени места каде има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.-препорачуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од таму додаваат дека не треба да се купува и конзумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што е месото, млекото јајцата и друго да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување на и разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.

-Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат.
По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа. -советуваат од АХВ

Ако се јаде во угостителските објекти, треба да се води сметка тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.
Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја!

Strugaonline

 

 

Facebook Коментари