AППТ подготвува кампања за промоција на домашниот туризам во Република С. Македонија, „Дома си е дома“

- Македонија
1229

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот – АППТ во партнерство со Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC, подготвуваат кампања за промоција на домашниот туризам во Република Северна Македонија под насловот „Дома си е дома“. Дополнително, во поддршка на кампањата се приклучува и Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија.

„Целта на оваа кампања е да промовира различни дестинации и активности во државата како предлог за посета од страна на домашните туристи во претстојните сезони лето/есен 2020 година. Ова ќе придонесе за поддршка на домашните чинители во туризмот (туроператори, сместувачки капацитети, ресторани, превозници итн.) и поддршка на домашната економија, како одговор на кризата предизвикана од Ковид -19. Фокусот е на зголемување на домашниот туризам, односно зголемување на бројот на домашни туристи и остварени ноќевања.„-велат од АППТ

Во рамки на кампањата ќе се изработат лого, билборди и 10 промотивни видеа. Видеата ќе ги претстават најзначајните туристички дестинации и локалитети, претставени преку конкретни активности/ производи од активниот туризам (планинарење, велосипедизам, параглајдинг, спортско качување итн.), во комбинација со културни искуства, рурални предели и гастрономија.

Промотивната маркетинг кампања под слоганот „Дома си е дома“ ќе започне со емитување на повеќе канали за промоција на почетокот на месец јули (ќе се следат препораките од Владата), а ќе трае до крајот на тековната година. Во неа дополнително ќе бидат инволвирани сите засегнати субјекти за максимално ангажирање на домашните капацитети, атракции и дестинации, да им се понуди на домашните туристи подобрена туристичката понуда.

За проектот АППТ ќе организира дополнителна промоција со јавни личности и инфлуенсери од различни сфери во општеството кои поддршката ја даваат преку кратки видеа за социјални медиуми во кои споделуваат најомилени дестинации и активности во РСМ, користејќи го хаштагот #домасиедома.

Од АППТ на учество ги повикуваат сите оние кои сакаат да споделат одредено искуство за активни спортови, гастрономија или едноставно одмор на некои од дестинациите низ државава и тоа можат да го сторат на следниот начин:

– Постирајте видео на вашиот Фејсбук со хаштаг #домасиедома, и ставете го во settings Public
– Споделете го видеото на Инстаграм или Фејзбук и тагнете го со #domasiedoma

Би било одлично ако не’ следите и на социјалните медиуми-велат од Агенцијата.

Очекувањата на АППТ од овој проект се порастот на домашните туристи да овозможи зајакнување на туризмот и домашната економија, како и задржување на секое работно место во оваа индустрија која во овој момент е многу ранлива поради кризата.

Оваа кампања ќе  поттикне  екскурзиите, викендите, повеќедневните одмори, планинарења, рекреативни и спортски активности во природа, да се одвиваат во рамките на нашите туристички капацитети и дестинации. Целта, но уште поважно, пораката што се праќа со оваа кампања е почит, разбирање и солидарност за заеднички да постигнеме 2 милиони ноќевања и помош на туристичко-угостителската индустрија, а со тоа и домашната економија.

АППТ вчера потпиша мемдорандум за соработка со Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост  ИМЕ, за заеднички активности за развој на активен туризам и промоција на домашен, регионален и меѓународен пазар.Почетен чекор во повеќегодишната соработката е подготовка на промотивните видеа за кампања за промоциja на домашниот туризам под насловот „Дома си е дома“.

Strugaonline

Facebook Коментари