АППТ со кампањата „Дома си е дома“ ќе ги поттикнува домашни туристи да се одлучат за патување во својата земја

- Македонија
554

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) започнува со подготовка на маркетинг кампања „Дома си е дома“, со која ќе ги промовира македонските атракции, подзаборавени дестинации и оние што добро ни се познати, но вреди да се посетат повторно.

– Сите сме сведоци на ефектите од пандемијата предизвикана од корона вирусот, која за многу кратко време го измени светот и според многу експерти од областа на туризмот ќе постави други стандарди за патувања, сместувања и поле на интерес во туристичкиот сектор. Кризата која го зафати туризмот поради коронавирусот ќе остави тешки последици и во наредниот период, ова е глобален проблем, но сите држави преземаат мерки за да ги задржат луѓето во туристичкиот сектор на работа. Ограничувањето на движењето, патувањата меѓу земјите од шенген-зоната, затворањетои изолацијата придонесе туризмот да има невиден пад, многу европски дестинации годинава спасот го гледаат во домашните гости. Од таа причина АППТ промоцијата ќе ја насочи на домашниот туристички пазар и македонските туристички капацитети, посочуваат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Oд таму додаваат  дека преку реализација на промотивна маркетинг кампања „Дома си е дома“ се поттикнуваат потенцијалните домашни туристи да се одлучат за патување во својата земја.

– Да посетуваат локалитети во близината или пак подалеку, да направат неколкудневни екскурзии или да се одморат во недопрените рурални предели на нашата убава земја. Исто така ги поттикнува инволвираните изасегнати туристички субјекти да привлечат колку што можат поголем број на домашни посетители преку конкретна туристичка понуда и максимално искористување на своите капацитети. Преку поттикнување на домашниот туризам се придонесува за поголема лична потрошувачка, што влијае и врз економскиот раст. Несомнено развојот на домашниот туризам позитивно влијае врз севкупната економија. Туризмолозите и експертите се водат од општиот разум кој вели дека ако некој седи дома ќе направи помал трошок, но ако излезе барем на еднодневна прошетка, тогаш ќе купи повеќе продукти, со што на некој начин ја поддржуваа домашната економија. Уште поголем е придонесот кога се посетуваат градовите низ земјата и кога се престојува на неколку дена, бидејќи денешните туристи не се сконцентрирани само на една форма, туку сакаат да посетат повеќе различни дестинации, и плажа, и планина и локалитет, информриаат од Агенцијата.

Извор: АППТ

Facebook Коментари