„Дома си е дома” денес го снима петтиот сет на промотивни видеа

- Македонија
544

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот – АППТ во соработка со Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC, повеќе од една недела се на терен низ РС Македонија за снимање на видео спотови за кампања за промоција на домашниот туризам под насловот „Дома си е дома“ на која дополнително се приклучува и Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија.

Целта на оваа кампања ќе биде да промовира различни дестинации и активности во државата како предлог за посета од страна на домашните туристи во претстојните сезони лето/есен 2020 година.

Првиот ден од снимањето на видеата, екипата на “Дома си е дома” го помина на територијата на Демир Капија, Кавадарци и Стоби. Работниот ден, кој вообичаено трае од 13-16 часа, на првата дестинација опфати бројни спортски содржини со цел да ги презентира активностите кои е возможно потенцијалните домашни туристи да ги имаат во овој предел. Од алпинистичко качување на Железната врата, па се до долината на кактусите во Демир Капија, музејот на виното, дегустацијата на вина и семејните прошетки на археолошкиот локалитет Стоби, 10 члената екипа се обиде да долови се, до најмал детал.

Поголемиот дел од вториот ден екипата го помина на Шар Планина, каде снимаше различни активности – од возење велосипеди, планинарење, кампување…па се до прошетки на свежиот планински воздух. Неизбежна беше традиционалната трпеза со локална храна,  а на симнување од Шара се обидовме да не ги заборавиме познатата гостиварска баклава и Шарената Џамија.

Третиот ден од снимањето, екипата го започна рано наутро во Кратово, каде се  снимаа неколку кадри од убавата кратовска архитектура, мостовите и кулите. Откако го доловивме најубавото од Кратово, се упативме кон локалитетот Куклици за да ја филмуваме легендата за „Камената свадба,“ па тргнавме кон мегалитската опсерваторија Кокино. Некаде на патот, снимивме велосипедисти покрај бескрајните дрвореди со борови. Воодушевени од убавините кои ги впивме во текот на денот, завршивме во Кокино, како локација која несомнено плени. Тука украдовме дел од прекрасното зајдисонце и се упативме кон Скопје.

>Четвртиот ден од снимањето беше посветен на југот од државата. Утрото го започнавме на Смоларските водопади, каде уловивме прекрасни кадри од недопрената природа. Потоа, ја посетивме Гевгелија каде прикажавме дел од културните активности кои домашните туристи може да ги уживаат. Втората половина од денот го резервиравме за Дојран. Рибарење, гастрономија и уживање на песочните плажи на убавото езеро се само дел од кадрите преку кои ќе го доближиме прекрасниот Дојран на туристите. Исполнети со позитивна енергија, иако преморени од работа, се вративме назад кон Скопје.

Парлелно со работата на терен, АППТ работи и на дополнителна промоција преку ангажирање на инфлуенсери и познати ликови од различни индустрии, што е повеќе од одлично прифатена алатка за промоција. Идеата е преку селфи видеа да се повикаат граѓаните ова лето да го поминат дома. На видеото секој ги споделува своите омилени дестинации и нешта во кои може да уживаат туристите. Досега имаме спремено околу 10тина видеа на кои се појавија актерот Жарко Димоски кој зборуваше за Пониква, потоа актерот Ѓорѓи Нешкоски со омиленото Маврово, мастер шефот Марк Де Јонг ги долови вкусовите на Македонија, актерот и професор Елмир Сејфулаи кој стави акцент на убавините на тетовскиот крај, композиторот Дуке Бојаџиев ја пофали Трпејца, актерот Драган Спасов Дац ја сподели љубовта за Крушево и секако Игор Џамбазов кој им порача на туристите дека Дојран е подготвен и ги очекува.

„Веруваме дека ова е само мал придонес за поддршка на домашните чинители во туризмот (туроператори, сместувачки капацитети, ресторани, превозници итн.) и поддршка на домашната економија, како одговор на кризата предизвикана од Ковид -19. Фокусот со оваа работа е на зголемување на домашниот туризам, односно зголемување на бројот на домашни туристи и остварени ноќевања.

Слоганот под кој се одвива оваа промотивна маркетинг кампања е „Дома си е дома“ и ќе започне со емитување на повеќе канали за промоција на почетокот на месец Јули (ќе се следат препораките од Владата), а ќе трае до крајот на тековнава година.

Затоа, Ве молиме за поддршка на истата преку употреба на хаштагот #domasiedoma, а за неколку денови ќе ви го испратиме и официјалното лого на кампањата која сакаме за сите нас да означи крај на една неизвесност и почеток на убава иднина.“ – велат од АППТ

Facebook Коментари