Европска недела на мобилност: помалку автомобили, почист и побезбеден начин на движење
Од 16 до 22 септември се одбележува Европската недела на мобилност, со порака граѓаните да ги преиспитаат секојдневните навики и, кога имаат можност, да изберат почисти, побезбедни и поодржливи начини на движење.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) се приклучува кон кампањата, која има за цел да ја подигне свеста за значењето на одржливата мобилност и нејзиното влијание врз квалитетот на животот во градовите.
Зголемениот број автомобили на градските улици придонесува за почести сообраќајни метежи, загадување на воздухот и зголемена бучава, но и за намалување на просторот наменет за пешаците и велосипедистите.
Од РСБСП посочуваат дека секое патување не мора да започне со автомобил. Пешачењето, велосипедот и јавниот превоз можат да бидат практични алтернативи, но истовремено придонесуваат за почиста животна средина, поздрав начин на живот и поголема безбедност во сообраќајот.
„Оставете го автомобилот кога тоа е можно“ е една од пораките до граѓаните во текот на Европската недела на мобилност.
Од Советот ги повикуваат граѓаните да направат мал чекор и да изберат поинаков начин на движење:
-
Пешачете кога дестинацијата е во близина.
-
Изберете велосипед наместо автомобил.
-
Користете јавен превоз.
-
Споделете превоз со други лица.
Одржливата мобилност, сепак, не е само прашање на екологија. Таа е тесно поврзана и со безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Целта е улиците да бидат безбедни места за сите – децата да можат безбедно да одат на училиште, постарите лица слободно да се движат, а пешаците и велосипедистите да бидат рамноправни и почитувани учесници во сообраќајот.
Од РСБСП нагласуваат дека промените во секојдневните навики, иако можеби изгледаат мали, можат да донесат значајни придобивки: помал сообраќаен метеж, почист воздух, подобро искористен урбан простор и поголема безбедност.
StrugaOnline

