Филипче: Бројките на пациенти се намалуваат, епидемијата спласнува

- Македонија
838
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на вчерашната  прес-конференција информираше за последните податоци  во врска со коронавирусот во нашата земја.

„Над 50 здравствени работници, од вкупно 70, кои беа заразени во болницата во Куманово се веќе вратени на работа. Сите се тестирани, сите имаат два негативни теста, согласно критериумот, сите одделенија во болницата нормално функционираат. Во контекст на ова, да информирам дека од 235 здравствени работници, кои се дијагностицирани од почетокот на епидемијата, 184 се оздравени и голем дел од нив се веќе вратени на своите работни места, што овозможи повеќе институции во коишто работата беше успорена, компромитирана или целосно не функционираа, веќе се целосно во функција, како одделенијата на Детската клиника, Институтот за рехабилитација и болницата во Куманово“, изјави министерот Филипче.

Министерот Филипче истакна дека во текот на денешниот ден, ќе се одржи состанок со директорите од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, за постепено враќање на работата на клиниките во нормала, со нешто изменет терк на закажување преку системот „Мој термин“. Планирано е, да се ревидира и измени времетраењето на прегледите за да се избегне гужвата во амбулантите, како и задолжително воведување на е-амбуланта, таму каде што може, и соодветно закажување на снимањата, како на Рендген институтот, така и во другите болници каде има дијагностички апарати.

„Ова се поклопува со целосното завршување на реконструкцијата на улиците во Клиничкиот центар, до крајот на неделата. Утрово разговарав со градоначалникот Петре Шилегов, тоа целосно да заврши и да се асфалтираат сите улици. Се отвора нова улица меѓу Хируршката клиника и Клиниката за стоматологија, со што значајно очекуваме да се растерети гужвата, се отвораат два нови влеза, едниот сосем нов по повеќе од 50 години, кој директно ќе води до Ургентниот центар на Хирургија и уште еден влез и излез кај Инфективната клиника, каде што е поставена и мобилната болница. Во периодот којшто следи ќе стигне и целосната опрема, и во овој момент, кога нема потреба за дополнителен капацитет на Инфективната клиника, искрено се надеваме дека така и ќе остане и во следните месеци, па дури и на есен, тоа планираме да биде една форма на тријажен центар, како форма на Ургентно-интернистички центар, којшто досега практично функционираше, на некој начин на Клиниката за токсикологија. Меѓутоа овој Центар ќе биде целосно опремен, подготвен со ротација на лекари-специјалисти и во смисла на анализа, проверка на пациентите дали се КОВИД -19 позитивни, за да се знае како да се продолжи со нивното лекување, односно по кои патеки. Со други зборови една целосна реорганизација на протокот, пред сè на итните пациенти во Клиничкиот центар“, потенцираше министерот Филипче.

Во однос на тестовите, Филипче ги отфрли шпекулациите дека постои некаков политички интерес и заради тоа се намалуваат тестовите.

„Центарот за јавно здравје во Скопје, заедно со Институтот за јавно здравје, пристапува кон правење план за скрининг на лица, коишто се смета дека се во некои критични категории, со оглед на слободниот капацитет, кој сега го има во лабораториите. Како одминува оваа фаза од епидемијата, се постави, очекувано, потреба да се надгради стратегијата  и заради тоа што оваа стратегија даде исклучително добри резултати и тоа што сега имаме намален број тестирања, е, тоа што ние всушност сакавме да го постигнеме, заради тоа што тестиравме пациенти кои имаа симптоми, што значи дека е доказ дека бројот на активни пациенти во нашата земја значително се намалува. Значи една успешна стратегија, а еве сега правиме план истата да се надгради“, рече министерот Филипче.

„Едно прашање е и работата на градинките, за што утрово, исто така, разговаравме на Комисијата за заразни болести и за што сè  уште траат консултациите во рамки на нивната експертска група, а ќе ги контактираме и самите градинки за да се изработи посебен протокол. Свесни сме дека е навистина тешко и голем предизвик, заради тоа што децата нормално дека се во ризик практично да бидат трансмисија на болеста, многу тешко таму некои правила може да се одржуваат. Сакаме да донесеме еден план којшто навистина ќе може да се спроведе, посебно што градинките мора да бидат во функција кога сите ќе се вратат на работа. Дозволете во наредните денови кога планот ќе биде готов да дадеме повеќе информации за тоа, кога и на кој начин градинките ќе почнат да работат“, истакна Филипче.

Тој додаде дека во однос на скринингот што заврши во Дебар, се направени околу 2.300 тестови. Кај 35 лица беа детектирани антитела, еден дел којшто беа заболени, друг дел по случаен избор. Еден мал процент од граѓаните имаат имунитет, и ова е уште еден доказ дека нашата стратегија да не се прави скрининг со серолошките тестови во оваа фаза, практично е успешна, заради тоа што не можеше да нè донесат до никаков посебен заклучок, а беше нешто што можеше да придонесе за димензионирање на мерките.

„Деновиве, исто така, се појавија шпекулации и тези дека здравствената криза или олабавување на мерките може да се искористи во политички цели или во интерес на изборите. Сакам јасно да порачам дека во изминатите два и повеќе месеци, колку што трае оваа криза, ниту една одлука не беше донесена под каков било политички притисок или за каков било политички интерес, тоа така ќе остане и понатаму и ние од тоа нема да отстапиме. Комисијата за заразни болести на база на своите сознанија и анализи ќе препорача дали и кога ќе има услови за безбедно одржување на изборите. Исто така, сакам да напоменам, што е исклучително важно, дека кога и да се одржат изборите тие ќе мора да се спроведат под строг протокол за заштита на здравјето на граѓаните, којшто протокол, исто така, ќе биде изработен од Комисијата за заразни болести, заради тоа што нема да дозволиме било каква организација, која може да го загрози успешното менаџирање на оваа здравствена криза“, рече министерот Филипче.

Министерот за здравство посочи дека бројките на пациенти се намалуваат, епидемијата спласнува и тоа особено нѐ радува и тоа ни дава за право, тоа што и веќе го правиме, да работиме на олабавување на мерките, постепено да почнат со работа сите компании и субјекти, кои сега се затворени.

„Се изработија протоколи кои се споделија со економски оператори за кои се наменети, за дел од нив се стигнати и нивните мислења, за другиот дел ги очекуваме овие денови и верувам дека до крајот на оваа недела, веќе сите протоколи ќе бидат завршени врз основа на анализите и дека од почетокот на следната недела тие ќе може да се применуваат“, додаде Филипче.

Strugaonline

Facebook Коментари