Филипче: Епидемијата е во силен ек, да се почитуваат сите мерки и препораки

- Македонија
527

Досега во Македонија се потврдени вкупно 26 лица заболени од коронаирусот од кои 17 се од Скопје, а 9 се од Дебар.

„Се тестираат уште 10 лица кои биле со контакт со овие ново заболени лица од Скопје, двајца од нив се сопружници кои биле на пат во Бугарија“, информираше Филипче на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека  во моментов над 200 луѓе се во домашна изолација.

Според информациите кои ги презентираше министерот, до крајот на неделава во Македонија ќе пристигнат 200 аспиратори од Кина и значителна бројка на заштитни маски, за што, како што кажа, бил информиран и од кинескиот амбасадор во земјава.

Филипче рече дека сите 200 луѓе кои се очекуваат да пристигнат во земјата од граничниот премин Деве Баир,  ќе бидат спроведени во касарната во Пепелиште на Криволак и дека таму ќе бидат соодветно здравствено третирани и обезбедувани.

„Епидемијата е во силен ек, секоја епидемија има почеток, пик и на крај намалување на случаите. Очекувано е бројот на заболени во периодот што доаѓа да се зголеми.“ – потенцираше Филипче.

Тој уште еднаш апелираше до сите граѓани да се придржуваат до сите мерки и препораки кои секојдневно ги упатува и Владата и Министерството за здравство. Повтори дека од сите нас зависи и дека ова не е шега. Филипче посочи секој да се однесува одговорно, а најави дека доколку е неопходно мерките ќе се засилуваат.

Strugaonline

 

Facebook Коментари