Од петок, 26 јуни, се отвораат сите копнени гранични премини, а од 1 јули и аеродромите

- Македонија
562
Врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата на Република Северна Македонија на 72-та  седница донесе одлука од петок, 26 јуни 2020 година, целосно да бидат отворени сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на ПЦР тестови, и без упатување до домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин.
Владата денеска донесе одлука од 1 јули, среда, да бидат отворени за сообраќај Меѓународниот аеродром Скопје и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Согласно овие одлуки Владата денеска донесе одлука да биде укината забраната за организиран превоз, која исто така стартува од 26 јуни.
На денешната седница Владата донесе одлука, исто така од петок, 26 јуни, угостителските објекти да можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа.
Од петок, 26 јуни 2020 година, се дозволува и работата на теретаните и вежбалните, а моловите, од истиот датум, ќе можат да работат и во неделите.
За сите овие одлуки до петок, 26 јуни 2020 година, кога започнува нивната важност, ќе бидат подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори и институции во чија надлежност се овие одлуки.
На денешната седница на Владата беше разгледана информацијата за исплата на пензиите за јуни 2020 година, со утврден распоред за исплата на пензиите за месец јуни со цел да се избегне ризикот од КОВИД-19, според која сите банки дале согласност јунските пензии да бидат предвреме процесуирани за готовинска исплата во четири групи (денови) почнувајќи од 26.06.2020 година, како и согласност безготовинската исплата да се овозможи од 26.06.2020 година, односно јунските пензии да се користат преку банкомати и во трговска мрежа од 26.06.2020 година.
За оваа цел, потребно е Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 25.06.2020 година, а деловните банки од 26.06.2020 година да обезбедат пензионерите со јунските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа.
Готовинската исплата на пензиите, за клиентите кои не користат картички, според постигната согласност од банките ќе се спроведе во четири групи (денови) во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно следниот распоред:
  • За пензии со висина до 11.000 денари, исплата да се изврши на 26.6.2020 година (петок);
  • За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 29.6.2020 година (понеделник);
  • За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 30.06.2020 година (вторник); и
  • За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.7.2020 година (среда).
На оваа своја седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за напредокот во спроведувањето на „Планот за имплементација на Стратегискиот одбранбен преглед (СОП) 2018“, подготвена од Министерството за одбрана.
Според Информацијата, во изминатиот временски период, донесени се или се во фаза на усвојување и дел од клучните документи преку коишто се проектираат идните чекори во трансформацијата на одбраната. Клучни документи претставуваат „Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019 – 2028“, и „Среднорочниот план за развој на одбранбените способности 2020-2022“, со кои се консолидираат долгорочните и среднорочните развојни цели во насока на развој на способностите за колективна одбрана, кооперативна безбедност и кризен менаџмент, согласно стандардите на НАТО и ЕУ, како и „Стратегијата за Сајбер одбрана“ донесена врз основа на „Стратегијата за Сајбер безбедност“.
Strugaonline

Facebook Коментари