Угостителите бараат Владата да ја укине одлуката за забрана на влез за невакцинирани во локалите

- Македонија
442

Независната угостителска комора (НУК) бара од Владата веднаш да ја укине одлуката со која се забранува посета и влез на невакцинирани лица во угостителските објекти, со образложение дека е неприменлива и не може да биде испочитувана без да се нарушат повеќе човекови права и да се прекршат неколку закони, посебно Законот за заштита на личните податоци.

Целта на барањето е да се спречи деградација и селекција на вакцинирани и невакцинирани гости и да се овозможи сите угостителски објекти да бидат достапни еднакво за сите граѓани.

– Донесената мерка е неприменлива и неспроведлива од страна на угостителите без соодветна законска регулатива и продолжени и пренесени овластувања кои во моментов ги нема. Ниту т.н. нови редари, ниту кој било инспектор, ниту угостителите и вработените во угостителските објекти имаат законска можност, овластување и право да вршат проверка на лицата за нивната состојба на вакцинација со приложување потврда за извршена имунизација, соопшти НУК.

Барањето е адресирано лично до премиерот Зоран Заев, а во него НУК наведува дека медицинската состојба на граѓанинот и гостинот е сензитивна информација и согласно Законот за заштита на лични податоци со исклучок на службено лице и/или овластено лице – лекар, никој друг нема право да врши проверка или прибирање на оваа информација, ниту да врши селекција, односно дозвола за влез во јавен објект на граѓаните по основ на оваа состојба.

– Во  моментов сѐ уште согласно постојната важечка законска регулатива вакцинацијата е изборно право на секој граѓанин и не е задолжителна и како такво истата не смее да биде услов за нормално движење, работење и слобода на уживање на човековите права ниту услов за влегување во јавен објект и користењето на услугите на јавниот објект како што се угостителските објекти. Со оваа одлука неприфатливо е угостителските објекти да се ставаат во улога на експериментален филтер за да се провери дали и како системот на селекција на граѓаните може да функционира на вакцинирани и невакцинирани. Поради сето ова, бараме и очекуваме од Вас, веднаш да се укине одлуката со која забранувате посета и влез на невакцинирани во угостителските објекти, вели претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.

Ако Владата не ја укинете одлуката, Јосифовски, како што додава, ќе биде првиот сопственик што ќе го затвори угостителскиот објект.

Извор: Охридпрес

фото: архива

Facebook Коментари