Заев го достави до Собранието предлог составот на новата Влада, вети стабилност, ефикасност и одговорност

- Македонија
393

Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на влада, Зоран Заев денеска до Собранието ги поднесе персоналните решенија за новиот министерски кабинет и програмата за работа за наредните четири години.

Зaев изјави дека Влада ќе биде стабилна, ефикасна и одговорна и  ќе ги гарантира стратешките определби, односно членство во НАТО и во ЕУ, добри меѓусоседски односи, справување со корона-кризата, нова енергија и подинамичен економски раст, како и ефикасна правна држава, модерно образование и стабилни институции.

„Со мене денеска се 19 министри и министерки. Сите заедно се обврзуваме дека ќе влечеме напред секој ден, секој час, дека ќе работиме уште повеќе и уште подобро и дека ќе побараме од секој од вас, од секој граѓанин уште поголемо учество“, рече Заев.

Според него, програмата за работа на Владата во целост ја отсликува посветеноста на сите политички партии кои се дел од коалицијата за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, темелно прочистување на судството и проверка на потеклото на имот и пари на сите функционери.

„Сите коалициски партнери сме согласни посветено да продолжиме на реализацијата на договорите со Република Грција и со Република Бугарија кои донесоа влез во НАТО и одлука за почеток на преговорите со ЕУ, како и на Охридскиот рамковен договор кој е темелот на заедничкото живеење во мир. Имајќи го предвид периодот во кој се наоѓаме и состојбата со Ковид-19, новата влада ќе се посвети на сериозни инвестиции во јавното здравство за да имаме уште повеќе подготвени капацитети и мотивиран кадар кои ќе се борат против корона вирусот“, рече Заев.

Како еден од столбовите е и борбата против загадувањето преку суштински политики и инклузивен процес на мобилизација на сите расположливи капацитети. Ги повика граѓаните за поддршка во оваа борба.

„За остварување на овие определби денеска до Собранието предлагам одговорни професионални и отчетни кадри кои ќе ги задолжам со конкретна мисија и цели во ваше име, почитувани граѓани, и кои ќе имаат задача да работат исклучително и исклучиво за граѓаните и исклучиво за европската трансформација на нашата земја“, рече Заев.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, а Насер Нуредини – министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација, како што објавија од ДУИ, ќе биде Јетон Шаќири.

Зоран Заев го доби мандатот од претседателот Стево Пендаровски на 13 август, по што имаше рок до 2 септември за доставување на предлог-составот и програма на Владата. Според уставните и законските одредби, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Владината коалиција што ја сочинуваат СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.

Извор и фото: novatv.mk

Facebook Коментари