Заев: Преговорите би завршиле со членство на Македонија во ЕУ во 2025 година

- Македонија
840

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во придружба на Радмила Шекеринска, Заменик претседател на Владата на Република Македонија и Министерка за одбрана, Бујар Османи, Заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, Министер за надворешни работи, вчера во Брисел се сретна со Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск.

На заедничката прес конференција, премиерот Заев ја поздрави одлуката за датум за преговори со Европската Унија – јуни 2019 година, заедно со препораката за скрининг на процесот до стартот на отворањето на поглавјата за преговори, и меѓудругото истакна:

„Нашата земја го заслужи тоа. Лидерите на Европската Унија рекоа: Да, земјата го заслужува тоа! Европскиот Совет прифати дека Република Македонија од заробена држава, киднапирана од авторитарен режим, за само една година направи пресврт. За само една година Република Македонија е земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и општествен дијалог. Со политичка волја за решавање на споровите со соседите, и јасно изразена визија за европска иднина. Денес, Република Македонија е слободно општество, со еднакви можности за сите, по моделот на Европа за почитување на културната разноличност. Патот на реформи и градењето на нашата земја како држава по европски правила, е неповратен процес на кој Европската Унија му даде соодветен импулс со одлуката за преговори за Република Македонија. Следното проширување, во кое ќе биде вклучена и Република Македонија, е – во суштина – консолидацијата на Европската Унија.

Таа консолидацијата, која, со право, ја бараат лидерите на земјите членки на Европската Унија, ќе биде потполна кога таа ќе ги прифати во своето семејство земјите од Западен Балкан, што ќе ги исполнат условите – се разбира. Процесот на пристапување во ЕУ не завршува со отворање на поглавјата за пристапување. Напротив. Според досегашното искуство преговорите, во просек, траат речиси седум години. Ако ја прифатиме оваа динамика и за Република Македонија, произлегува дека преговорите би завршиле со членство во 2025 година. Токму како што предвидува Стратегијата за веродостојно проширување од февруари оваа година. Ова е доволно време Република Македонија да ги реализира преостанатите фази од реформите паралелно со преговарачкиот процес. Пред нас имаме конкретна цел. Сега нам ни преостанува самите да ја завршиме последната домашна задача и потоа гордо да влеземе низ портите на ЕУ.“

Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск на оваа заедничка прес-конференција со премиерот Заев истакна дека одлуката за преговори на ЕУ со Република Македонија е резултат на реформите и на храброто лидерство во Владата на РМ, и истакна дека проширувањето на Европската Унија е значајно и за безбедносните прашања на унијата.

Извор: Влада на РМ/Strugaonline

 

Facebook Коментари