1-ви декември, Светски ден за борба против ХИВ-СИДА

- Свет
85
Денеска е 1-ви декември, Светски ден за борба против ХИВ-СИДА
Светскиот ден против СИДА-та (World AIDS Day) 1 Декември, е осмислен и прифатен од 140 земји во светот на Светскиот Самит во Лондон во 1988 година. Истата година, Светската Здравствена Организација (СЗО) ја согледа потребата за постоење на еден ваков ден и го прогласи 1-ви декември како Светски ден за сидата – “World AIDS Day”. Од тогаш па сè до денес, Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА-та, се одбележува во скоро сите држави во светот.
Глобална солидарност за одржување на стабилни услуги за ХИВ
 38.000.000 луѓе живееле со ХИВ во 2019 година
 1.700.000 луѓе биле ново заразени со ХИВ во 2019 година
 690 000 починаа од причини поврзани со ХИВ во 2019 година
 68% од возрасните што живеат со ХИВ примале доживотна антиретровирусна терапија (АРТ) во 2019 година
Вирусот на човечка имунодефициенција (ХИВ) е насочен кон имунолошкиот систем и ја ослабува одбраната на луѓето од многу инфекции, карциноми и други болести со кои можат да се борат луѓето со здрав имунолошки систем. Бидејќи вирусот ја уништува и ја нарушува функцијата на имуните клетки, заразените лица постепено стануваат имунодефициентни. Најнапредната фаза на ХИВ инфекција е синдром на стекната имунодефициенција (СИДА), за кој може да бидат потребни многу години да се развие,
ХИВ продолжува да биде главен глобален јавно здравствен предизвик, бидејќи досега однесе речиси 33 милиони животи. Сепак, со зголемениот пристап до ефикасна превенција, дијагноза, третман и грижа за ХИВ, оваа инфекција стана хронична здравствена состојба што може да се контролира, овозможувајќи им на луѓето да водат долг и здрав живот.
За жал, бројот на нови лица кои започнуваат со третман е далеку под очекуваниот, како резултат на намалувањето на ХИВ-тестирањето и започнувањето на третманот како и нарушувањата на АРВ што се случија за време на пандемијата COVID-19. За да ги постигнеме новите предложени глобални цели 95/95/95, ќе треба да ги удвоиме нашите напори за да избегнеме најлошо сценарио, зголемување на ХИВ инфекциите како резултат на нарушувања на услугите за ХИВ за време на КОВИД-19, и забавениот одговор на јавното здравство кон ХИВ.
Светскиот ден на СИДА-та, 1 декември, ги собира луѓето од целиот свет за да ја подигнат свеста за ХИВ/СИДА, да демонстрираат меѓународна солидарност пред пандемијата, но и да им даде можност на јавните и приватните партнери да го поттикнат напредокот во превенцијата, третманот и грижата за ХИВ / СИДА низ целиот свет.
Што да направиме?
• Да ја обновиме борбата за ставање крај на сидата, да инвестираме, иновираме и да ги интегрираме анти ХИВ услугите во пошироката здравствена заштита;
• ги повикуваме креаторите на политиките да обезбедат здравствени работници од прва линија, медицински сестри, акушерки и здравствени работници во заедницата, ангажирани, поддржани и заштитени кога даваат услуги за ХИВ и КОВИД-19;
• да обезбедиме континуирано обезбедување на услуги за ХИВ за деца, адолесценти и клучни популации (луѓе кои користат дроги, мажи кои имаат сексуални односи со мажи, сексуални работници, трансродови лица и луѓе во затвори) за време на КОВИД-19.
Автор на текстот:  Д-р Даниела Чингоска, специјалист по социјална медицина и јавно здравје
фото: архива

Facebook Коментари