Автобус со полски државјани се преврте во Хрватска

- Свет
142

Најмалку 12 лица загинаа, а десетици се повредени откако автобус со полски регистерски таблички утринава излетал од автопат во Хрватска.

Хрватската полиција потврди дека досега најмалку 12 лица го загубиле животот, а десетици се повредени во автобуската несреќа која се случи утринава во Хрватска, кога автобус со полски регистарски таблички, од засега непознати причини, излетал од автопатот А4 додека се движел кон главниот град Загреб.

Шест повредени лица се пренесени во КБЦ „Загреб“, клиничката болница во Дубрава, како и трауматолошката клиника, пренесува хрватски „Јутарни лист“.

Потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ, на прес-конференција соопшти дека информацијата за несреќата пристигнала од полска државјанка која била во автобусот, по што биле ангажирани сите надлежни служби кои, според него, реагирале навремено. Во автобусот, како што кажа се превезувале 43 патници, но сеуште се чека целосната листа на патници.

Иако засега нема официјални информации која е причината за несреќата, според неофицијални информации, најверојатно, возачот заспал при управувањето со возилото.

Полицијата е на самото место и започна со увидот, а можат да се забележат и голем број возила на Итната помош како и пожарникари кои помагаа во извлекувањето на патниците.

StrugaOnline

Facebook Коментари