Центарот за лица со интелектуална попреченост ,,Порака нова” – силна искра надеж за правата на овие лица и нивна инклузија во општеството

- Здравје, Интервју
3336

Центарот за лица со интелектуална попреченост ,,Порака нова” постои триесет и три години. Создаден на иницијатива на родителите на деца со интелектуална попреченост од Струга и Вевчани овој центар е голема искра надеж за оваа ранлива група граѓани кои треба да добијат достојно место под сонцето, затоа што истото го заслужуваат. За секојдневните активности во центарот, како и понатамошната грижа за овие лица разговаравме со Анита Гаговска – генерален секретар на ЦЛП ,,Порака нова”

Strugaonline: Центарот за интелектуална попреченост ,,Порака нова” постои веќе 33 години, Вашата цел меѓудругото е социјализација на Вашите штитеници и стекнување на нивните права во општеството – колку сте задоволни од до сега постигнатите резултати?

Aнита: Долги години работам во центарот и можам слободно да кажам дека успешно ги постигнуваме целите кои сме ги зацртале. Лицата со интелектуална попреченост минуваат многу време во ,,Порака нова” трпеливо работиме на нивната социјализација, стекнување на навики кои ќе ги подготват лицата со попреченост за самостоен живот. Но, не работиме само со нив, туку и со нивните родители. Токму родителите се важна група во тој процес. Благодарение на постоењето на ,,Порака нова” родителите на лицата со попреченост имаат можност да се вработат и финансиски да придонесат за семејството. Претходно ја немале таа можност поради постојаната грижа за децата.

Strugaonline: Во склоп на дневниот центар во ,,Порака нова” организирате едукативни работилници, готвење, работно-окупациски, спортско рекреативни активности, и меѓу другото Вашата цел е да ги оспособите лицата со попреченост за самостоен живот. Колку сте задоволни од нивниот досегашен напредок?

Aнита: Досегашната пракса покажува дека имаме причини да бидеме задоволни. Самиот факт дека одредени компании од овој регион соработуваат со нас и вработуваат наши штитеници е доказ дека дел од нив станале работоспособни. Навистина сме среќни кога имаме такви позитивни примери. Нашите програми и секојдневни активности им помагаат на лицата со интелектуална попреченост да се стекнат со потребните вештини за самостоен живот. Опсегот на активности кај нас започнува од подготвување храна, преку рачни изработки до спортски активности.

Strugaonline: Kој се  работи во Вашиот центар, со оглед на тоа дека стручниот тим е од исклучителна важност и благодарение на посветената работа сте изградиле традиција од триесет и три години?

Aнита: Во тимот на ,,Порака нова” работи дефектолог, психолози и волонтери. Интензивно се работи на подобрување на говорот и моториката на корисниците на цантарот, а посебна инспиративна приказна се волонтерите, дел од нив по искуството во ,,Порака нова” избраа да студираат психологија и дефектологија, што значи дека нашите корисници им биле инспирација. Од друга страна, дел од волонтерите веќе се студенти на овие факултети, а нивното волонтирање во ,,Порака нова” всушност е пракса која им е многу значајна.

Strugaonline: Според Вашата досегашна пракса, успевате ли да ги срушите предрасудите во општеството? Научивме ли дека лицата со интелектуална попреченост треба да ги третираме достојно? Или, и во 21 век се уште сме далеку од потребното ниво?

Aнита: За жал не е постигнато посакуваното ниво, иако ние постојано работиме на будење на свеста кај граѓаните. Лицата со интелектуална попреченост треба да бидат достојно третирани, знаат да бидат креативни и на свој начин прекрасни личности. Луѓето мора да размислат за оваа група лица кои го заслужуваат своето место под сонцето.

Strugaonline:Како изгледа еден ден во дневниот центар ,,Порака нова”?

Aнита: Нашите штитеници денот го започнуваат со подготвување појадок, на тој начин ги учиме на самостоен живот. Исто така го готват и својот ручек. Изработуваат рачни изработки кои се продаваат во продавница отворена специјално за нивните производи. Среќни сме што доаѓа пролет, за корисниците на услугите на центарот да  уживаат во спортските активности кои ги организираме за нив.

Strugaonline: Да споделиме една важна информација за сите родители на децата со интелектуална попреченост, дали постојат некакви услови за некое лице да го посетува Вашиот центар?

Aнита: Во однос на возраста немаме ограничувања затоа што нашата цел е да не одбиеме никого. За едно лице со попреченост да ги користи услугите на ,,Порака нова” треба да има наод и мислење од комисијата за категоризација. Се пополнува еден прашалник и се потпишува договор со центарот.

Strugaonline: Вие имате работено во центар за интелектуална попреченост во Шпанија, да направиме една паралела како е таму, а како е на нашите простори?

Aнита: Неспоредливо. Центарот за лица со интелектуална попреченост во Шпанија каде што јас работев посебно внимание посветуваше на спортската едукација. Мој ученик беше првак во пливање, тоа навистина ми предизвикуваше среќа и гордост. Исто така реакциите на општеството се многу поинакви. Можам слободно да кажам дека таму лицата со попреченост се третирани многу пријателски.

Strugaonline: На 21 март се одбележува денот посветен на лицата со Даунов синдром, кои активности ги организирате по тој повод?

Aнита: ,,Порака нова” секоја година го одбележува денот посветен на лицата со Даунов синдром следејќи го примерот на многу земји во светот. Оваа година мотото е ,,Мојот глас моја заедница”. 21 март е уште еден ден во кој правиме обиди за будење на свеста кај луѓето дека лицата со Даунов синдром треба да бидат третирани соодветно, односно да имаат еднакви права за живот и работа како и сите други. На социјалните мрежи веќе се шири флаерот со мотото на овогодинешната кампања и симболиката на датумот кој не е избран случајно. На 21 март флаери ќе поделиме и низ градот.

Извор: StrugaOnline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари