Лев банер Десен банер

ЈЗУ Општа болница – Охрид со унапредени услови, современа опрема и 24-часовна грижа за пациентите

ЈЗУ Општа болница – Охрид информира дека Одделението за внатрешни заболувања со пнеумофтизиологија продолжува со континуирано унапредување на здравствените услуги, дијагностичките можности и условите за лекување на пациентите.

Одделението има јасна мисија – обезбедување навремена, стручна и сеопфатна здравствена заштита на возрасното население преку 24-часовна медицинска грижа, амбулантски прегледи, современа дијагностика, болничко лекување, континуирано следење и примена на современи терапевтски методи.

Интерната медицина опфаќа широк спектар на заболувања – од кардиоваскуларни и респираторни, преку гастроентеролошки, ендокринолошки и нефролошки нарушувања, до сложени и животозагрозувачки состојби. Токму затоа, интернистичкиот тим има значајна улога во проценката, дијагностиката, лекувањето и понатамошното следење на возрасните пациенти.

Од ЈЗУ Општа болница – Охрид посочуваат дека во изминатиот период Одделението бележи значајно унапредување преку инвестиции насочени кон подобрување на условите за пациентите и медицинскиот персонал, како и проширување на дијагностичките можности.

Извршено е целосно реновирање на Одделението, со што се создадени посовремени, побезбедни и подостоинствени услови за престој и лекување.

Паралелно со инфраструктурното унапредување, обновена е и медицинската опрема. Набавен е нов ендоскопски апарат за гастроскопија и колоноскопија, како и современи монитори за следење на виталните параметри, перфузори и друга медицинска опрема.

Особено значајна е набавката на новиот ендоскопски апарат, кој овозможува унапредување на современата дијагностика на заболувањата на гастроинтестиналниот тракт.

Во текот на оваа година е поставен и централен довод за кислород, со што е олеснета и унапредена примената на кислородна терапија кај пациентите на кои им е потребна.

Како уште еден значаен чекор во развојот на Одделението, од болницата го издвојуваат и отворањето на новиот Центар за обезност, преку кој се воведува организиран и мултидисциплинарен пристап во превенцијата, дијагностиката, третманот и следењето на пациентите со обезност и прекумерна телесна тежина.

Во рамките на Одделението функционира Ургентна интернистичка амбуланта 24/7, која континуирано обезбедува преглед, проценка и згрижување на пациенти со интернистички тегоби и ургентни состојби.

Преку Центарот за дијабет се обезбедуваат континуирано следење, дијагностика, терапија и едукација на пациентите со дијабетес мелитус.

Дневната болница, пак, е наменета за пациенти на кои им е потребна парентерална терапија и краткотраен медицински третман без потреба од класична хоспитализација.

Одделението располага и со широк спектар на дијагностички и терапевтски процедури.

Во областа на гастроентерологијата се изведуваат гастроскопија и колоноскопија, а по соодветна медицинска индикација и абдоминални и плеврални пункции.

Во областа на пулмологијата се вршат спирометрија и алерголошко тестирање, додека преку ехотомографската дијагностика се изведуваат прегледи на тироидната жлезда и абдоменот, како и доплер-прегледи на екстремитетите.

Грижата за пациентите ја обезбедува стручен и посветен медицински тим составен од лекари, медицински сестри и друг здравствен и помошен персонал.

Лекарскиот тим го сочинуваат 10 специјалисти интернисти, меѓу кои двајца супспецијалисти гастроентерохепатолози, двајца ендокринолози и еден пулмолог, како и двајца доктори по општа медицина.

Важен дел од тимот се и медицинските сестри, кои обезбедуваат континуирана здравствена нега, го следат здравствениот статус на пациентите, ја спроведуваат ординираната терапија и активно учествуваат во дијагностичките и терапевтските процедури.

Во секојдневното функционирање значајна улога имаат и болничарите и хигиеничарите, кои придонесуваат за безбедна и соодветна средина за пациентите.

Обемот на работа на Одделението најдобро го покажуваат податоците од изминатата година.

Реализирани се 13.960 прегледи, додека 535 пациенти биле хоспитализирани и лекувани.

Преку Дневната болница, 1.265 пациенти примале терапија во текот на повеќе денови без потреба од хоспитализација.

Во гастроентерологијата се реализирани 215 гастроскопии и 64 колоноскопии, додека во областа на пулмоалергологијата се направени 1.378 спирометрии и 284 кожни алерголошки тестови.

Во Центарот за дијабет, во текот на изминатата година биле прегледани и третирани 4.141 пациент.

Од ЈЗУ Општа болница – Охрид нагласуваат дека овие бројки не се само статистика, туку зад секој преглед, дијагностичка процедура и хоспитализација стои пациент на кој му биле потребни стручна проценка, медицинска грижа и навремен третман.

Со обновен простор, нова медицинска опрема, современ ендоскопски апарат, монитори и перфузори, централен довод за кислород, проширени дијагностички можности и нов Центар за обезност, Одделението за внатрешни заболувања со пнеумофтизиологија продолжува да ги унапредува условите за дијагностика, лекување и грижа за пациентите.

Од болницата потенцираат дека современата медицина не ја сочинуваат само просторот и опремата, туку пред сè луѓето – лекарите, медицинските сестри и целиот персонал кој секојдневно е покрај пациентите.

Одделението останува еден од носечките столбови на болничката здравствена заштита во Охрид и регионот, со континуирана заложба за подобра, достапна и современа здравствена услуга.

Од ЈЗУ Општа болница – Охрид потсетуваат дека грижата за здравјето започнува со превенција. Редовните прегледи, здравите животни навики и навременото препознавање на предупредувачките знаци се важен чекор кон спречување на болестите и навремено започнување на лекувањето.

StrugaOnline

error: