ЈЗУ Специјализирана болница – Охрид се приклучува кон кампањата за подигање на свеста за периферната артериска болест
ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид се приклучува кон глобалната кампања за подигање на свеста за периферната артериска болест (ПАБ), која септември го одбележува како месец посветен на ова сериозно заболување.
Кампањата е иницирана од PAD Pulse Alliance (ПАБ Пулс Алијанса), меѓународна алијанса составена од водечки стручни здруженија од областа на кардиоваскуларната медицина. Целта е да се подигне свеста за значењето на периферната артериска болест, која претставува сериозен здравствен проблем во светот, но и да се укаже на важноста од навремена дијагноза и соодветен третман.
Од ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид посочуваат дека податоците од високоразвиените земји се особено загрижувачки. Во САД, еден од 20 возрасни лица над 50 години има ПАБ, додека околу 12 милиони луѓе живеат со ова заболување. Напредната форма на болеста може да доведе до сериозни оштетувања на екстремитетите, а во најтешките случаи и до ампутација.
Дополнителен проблем е што голем број од лицата кои имаат ПАБ не знаат дека ја имаат болеста. Дијагнозата често се поставува доцна, кога заболувањето е веќе напреднато и симптомите се изразени.
Токму затоа, од охридската кардиоваскуларна болница упатуваат порака дека навременото препознавање на ризик-факторите, редовните прегледи и раната дијагностика се од големо значење за спречување на сериозни последици и инвалидност.
ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид има долгогодишно искуство во дијагностика и третман на периферната артериска болест.
„Распoлагаме со стручен кадар и опрема која овозможува прецизна дијагностика, но и со експерти кои ја лекуваат оваа болест не само со лекови, туку и со најсовремени и најкомплексни интервентни процедури. Тие многу често значат и избегнување на ампутации и трајна инвалидност“, наведуваат од болницата.
Од ЈЗУ Специјализирана болница – Охрид додаваат дека во оваа област имаат значајно искуство и капацитети, при што, како што велат, се меѓу лидерите во државата и според бројот на изведени процедури и според нивната комплексност.
Во рамки на активностите за одбележување на месецот посветен на периферната артериска болест, охридската болница воведува и можност за дополнителни прегледи.
Секоја среда во текот на септември, во попладневната смена, ќе бидат достапни по пет дополнителни прегледи на артериската циркулација на нозете со Доплер метода.
Од болницата информираат дека прегледите треба да бидат закажани преку системот „Мој Термин“.
„Исполнувајќи ја нашата мисија да работиме на превенција, дијагностика и третман на оваа болест, се приклучуваме на кампањата Септември – месец посветен на ПАБ“, порачаа од ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид.
Од болницата апелираат граѓаните да посветат внимание на своето кардиоваскуларно здравје, да не ги занемаруваат симптомите и ризик-факторите и навреме да побараат медицинска помош.
StrugaOnline

