Случајот со седмооделенецот Дамјан Давков од Штип, кој освои прво место на натпревар по математика за средношколци, а МОН не му ја додели паричната награда предизвика силни рекции во јавноста.
Од Министерството за образование велат дека согласно законот, ученик од основно училиште не може да учествува на натпревар за средношколци.
-Во конкретниот случај, се работи за ученик од основно училиште „Ванчо Прке“ од Штип, кој учествувал на натпревар за ученици од средни училишта, што не е во согласност со правните прописи кои ја регулираат оваа тематика. Така што, при разгледување на доставената документација во МОН и увидување на фактите, Комисијата за доделување на парична награда за освоено прво место на државен натпревар, постапила согласно одредбите од законите и правилниците и ученикот и неговиот ментор се одбиени за стекнување на паричната награда.-соопштуваат од МОН.
Министерството презело обврска за повторно да го преиспита целиот случај околу постапката за доделување на парична награда за ученикот и наставникот ментор, но и постапката и начинот на кој е организиран самиот натпревар од страна на здружението на наставници кое ја има акредитацијата за организирање на натпреварите по математика.
Од министерството посочуваат дека се работи за талентиран ученик кој заедно со својот ментор вложиле многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувале. Но, законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН. Сепак, во соработка со локалната самоуправа во Штип, ученикот ќе биде поддржан со еднократна парична награда од 15 илјади денари и признание за почесен граѓанин на општината.
-Имајќи го предвид фактот дека во секоја генерација ученици има исклучителни таленти по одредени предмети и области, Министерството за образование и наука ќе продолжи да развива нови политики за поддршка на талентираните ученици, преку обезбедување на нови и дополнителни можности за развој на нивниот потенцијал, покрај можностите кои и сега се достапни за стекнување на правото за користење на одредена категорија на стипендија и други парични надоместоци, можности за побрзо напредување и преминување од едно во друго одделение, поддршка преку покривање на трошоците за учество на меѓународни натпревари и олимпијади, можности за едукација во новоотворената Математичко – информатичка гимназија во Скопје, доделување на средства преку Фондот за иновации и програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации како што е UPSHIFT програмата создадена во соработка со УНИЦЕФ. -стои во соопштението од Министерството за образование и наука.
Strugaonline
Facebook Коментари