Лев банер Десен банер

Општина Струга започнува акција за расчистување на обраснати јавни површини

Општина Струга ги информира граѓаните дека започнува акција за отстранување на неконтролирана вегетација, трње и обраснати површини кои го попречуваат нормалното движење и го нарушуваат изгледот на јавниот простор.

Акцијата ќе се спроведува на тротоари, улици и други јавни површини што граничат со приватни имоти, а кои не се соодветно одржувани од страна на сопствениците. Целта е да се обезбеди почиста, побезбедна и поуредена животна средина за сите граѓани.

Од Општината упатуваат апел до сопствениците на земјиште, куќи и деловни објекти навремено да извршат чистење и уредување на просторот околу своите имоти. Рокот за доброволно постапување е до 31 март.

Од 1 април, Јавно комунално претпријатие Струга ќе започне со чистење на необработените и запуштени површини, а направените трошоци ќе бидат фактурирани на сопствениците на имотите.

Комуналните инспектори ќе вршат теренски контроли и ќе постапуваат согласно законските надлежности.

Од локалната самоуправа порачуваат дека со заедничка одговорност и навремено постапување може да се придонесе за почиста, побезбедна и поуредена Струга.

StrugaOnline

error: