По иницијатива на градоначалникот Менди Ќура, Општина Струга ставена на листата за државна ревизија на работењето на институцијата во изминатите години
По барање на градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, Државен завод за ревизија ја стави општината на листата за спроведување сеопфатна ревизија на работењето на институцијата во изминатите години.
Градоначалникот Ќура, кој е речиси 100 дена на функцијата, уште во раната фаза од својот мандат иницирал институционална проверка на работењето од претходниот период. Целта, како што посочуваат од општината, е целосно и објективно утврдување на состојбите што ги наследи новото раководство, како и поставување јасна основа за идното управување.
Ревизијата ќе опфати детална анализа на финансиското работење, спроведените постапки, договорните обврски, како и целокупното функционирање на институцијата во изминатите години. Со овој чекор, локалната самоуправа испраќа порака за транспарентност и отчетност во своето работење.
Во моментов сè уште нема потврден официјален датум за започнување на ревизијата. Од Општината информираат дека штом процесот формално започне, јавноста ќе биде навремено известена за текот и фазите на постапката.
Од локалната самоуправа најавуваат целосна соработка со ревизорскиот тим, а резултатите и препораките од ревизијата ќе бидат транспарентно споделени со јавноста.
„Одговорното управување започнува со јасна слика за состојбите и воспоставување стабилни стандарди за идното работење“, порачуваат од Општина Струга.
StrugaOnline

