Општина Струга: Заматувањето на изворската вода последица на долгогодишни системски пропусти
Општина Струга ја информира јавноста дека појавата на заматување на изворската вода е резултат на долгогодишни системски пропусти и несоодветно управување во изворишните зони.
Според стручните анализи, изворите „Шум“ и Горна Белица се дел од чувствителен карстен хидрогеолошки систем, каде што секоја површинска интервенција директно влијае врз квалитетот на подземните води. Овој тип систем е особено ранлив, бидејќи водата низ карстните структури циркулира брзо и без природна филтрација, што овозможува лесно навлегување на загадувачки материи.
Како дополнителен ризик се посочува присуството на неконтролирани ископи и диви депонии со комунален и градежен отпад во сливните подрачја. Ваквите појави сериозно го загрозуваат квалитетот на водата, особено при интензивни врнежи, кога се регистрира зголемена матност – јасен индикатор дека површинските материи продираат во подземниот систем.
Од Општината најавуваат конкретни мерки за надминување на состојбата, меѓу кои:
-
Итно разгледување и ревизија на состојбата во изворишните зони
-
Воспоставување и зајакнување на санитарните заштитни зони
-
Отстранување на диви депонии во сливните подрачја
-
Обезбедување законски предуслови за уредно управување со водните ресурси
-
Ангажирање независна стручна експертиза и воспоставување континуиран мониторинг
„Водата е стратешки ресурс и основно право на секој граѓанин. Заштитата на изворите претставува приоритет од највисок јавен интерес“, потенцираат од локалната самоуправа.
Општина Струга останува посветена на транспарентност, институционална одговорност и заштита на здравјето на граѓаните, со најава дека јавноста ќе биде редовно информирана за сите понатамошни активности и резултати од преземените мерки.
StrugaOnline

