Стружанецот Никола Кутаноски избран за селектор на Триатлон федерацијата на Македонија
Стружанецот од Радожда, Никола Кутаноски, е избран за нов селектор на Триатлон федерацијата на Македонија, што претставува значајно признание за неговата долгогодишна посветеност и резултати во овој спорт. Изборот беше направен за време на викендот кога федерацијата одбележа 25 години од своето постоење, јубилеј проследен со свечености и спортски активности.
Во рамки на одбележувањето беше организирано „Меморијално меѓународно и државно првенство во дуатлон Ѓорѓи Кузманоски“, во чест на основоположникот на триатлонот во Македонија, кој остави длабока трага во развојот на спортот.
Покрај изборот на Кутаноски за селектор, за нов претседател на федерацијата беше избран Данчо Ѓеорѓиевски, со што започнува ново поглавје во раководењето на овој спорт.
Назначувањето на Кутаноски доаѓа во година кога тој одбележува значаен јубилеј – 20 години активна работа во триатлонот, како натпреварувач и тренер. Својата кариера ја започнал како тренер по пливање, а подоцна се профилирал како еден од најуспешните тренери во пливање и триатлон во земјава.
Низ неговата работа произлегле бројни шампиони, освојувачи на државни, балкански и европски признанија. Меѓу позначајните имиња кои тренирале под негово водство се Верица Митреска, Цветко Митревски, Бојна Ѓеорѓиеска, Леа Ѓеорѓиеска, Габриел Котевски и Давор Попоски – сите државни прваци и учесници на меѓународни натпревари.
Особено се издвојува успехот со триатлонецот Димитар Јованоски, кој под менторство на Кутаноски го освои високото шесто место на Европското првенство во дуатлон во Пунта Умбриа, Шпанија.
Во последните три години, Кутаноски бележи континуирани успеси со своите натпреварувачи, освојувајќи титули на балканските првенства во акватлон и дуатлон во Бар и Подгорица, како и значајни резултати на меѓународната сцена, со победи и високи пласмани во Виена, Рот, Хрватска, Бугарија, Србија и Црна Гора.
Со изборот за селектор, Никола Кутаноски добива нов предизвик и дополнителен мотив да продолжи со развојот на триатлонот во Македонија и создавање нови спортски успеси на меѓународната сцена.

