Во Скопје денес ќе се одбележуват 165 години од излегувањето на „Зборникот на браќата Миладиновци“
Во Спомен-собата „Т’га за југ“ при ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје денеска свечено ќе бидат одбележани 165 години од излегувањето на „Зборникот на браќата Миладиновци“, едно од најзначајните дела во македонската културна и книжевна историја.
Настанот е посветен на значењето на делото на Димитар и Константин Миладинов за развојот на македонскиот јазик, книжевност и културен идентитет, како и на нивниот траен придонес во зачувувањето на народното творештво.
Свеченоста ќе ја отвори директорката на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, Анета Механджијска, која во своето поздравно обраќање ја истакна важноста на Зборникот како непроценливо културно наследство и темел на националната меморија.
За историското и книжевното значење на Зборникот ќе говори Братислав Ташковски, осврнувајќи се на вредноста на собраните народни песни, преданија и обичаи, како и на улогата на браќата Миладиновци во афирмацијата на народниот јазик и култура.
Во рамки на програмата ќе биде изведена актерска интерпретација на избрани песни и текстови од Зборникот, со што присутните ќе имаат можност да се доближат до богатството на народното творештво зачувано во ова капитално дело.
По повод јубилејот е организирана и изложба на сите изданија на „Зборникот на браќата Миладиновци“, како и на други дела од браќата Миладиновци што се чуваат во фондот на библиотеката.
Со одбележувањето на овој значаен јубилеј, Градската библиотека уште еднаш ја потврди својата посветеност кон негувањето и афирмирањето на македонското книжевно и културно наследство.
StrugaOnline

