Лев банер Десен банер

Народен Театар Охрид ја отвора новата сезона со „Парите се отепувачка“ на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица

Народен Театар Охрид ја започнува новата театарска сезона со гостување во Струмица, каде денеска, 10 септември ќе ја изведе претставата „Парите се отепувачка“ според култното дело на македонскиот драмски автор Ристо Крле.

Претставата е дел од програмата на 34. Меѓународен фестивал на камерниот театар „Ристо Шишков“, а охридскиот ансамбл пред струмичката публика ќе настапи со современа адаптација и режија на Андреј Цветановски.

„Парите се отепувачка“ носи силна приказна за човечката алчност, среброљубието и моралните компромиси што човекот е подготвен да ги направи во потрагата по подобар живот и материјална сигурност.

Класичното дело на Ристо Крле во новата сценска поставка добива современ театарски израз, отворајќи прашања кои и денес остануваат актуелни – што сме подготвени да жртвуваме за парите, печалбата и материјалната благосостојба, и каде е границата меѓу желбата за подобар живот и губењето на сопствените вредности.

Во претставата настапуваат Стрезо Стаматовски во улогата на Митре, Филип Кипровски како Анѓеле, Марија Новак како Мара, Адријана Билаловиќ-Тодороска како Ката и Никола Тодороски во улогата на Софре.

Гостувањето на Народен Театар Охрид во Струмица претставува можност публиката да ја погледне една од позначајните приказни на македонската драматургија во ново и современо сценско руво.

Претставата „Парите се отепувачка“ ќе биде изведена на 10 септември 2026 година (четврток), со почеток во 22:00 часот, во рамките на 34. МФКТ „Ристо Шишков“.

StrugaOnline

error: