Низ фотографскиот објектив на Македонида“ – средновековното наследство оживува во Куќата на Робевци во Охрид
Изложба посветена на македонското културно и духовно наследство ќе биде отворена во петок во Охрид, со фотографии што го документираат богатството на средновековната црковна уметност.
Во Куќата на Робевци во Охрид, на 18 септември со почеток во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Низ фотографскиот објектив на Македонида“, во организација на Здружението на граѓани за валоризација, популаризација и едукација на културното наследство „Македонида“.
Куратори на изложбата се Гордана Велков и м-р Владимир Таневски, а домаќин на настанот е НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.
Изложбата претставува избор на фотографии од архивата на „Македонида“, создадени во рамки на подготовката на едицијата книги-водичи посветени на значајни цркви и манастири во земјава. Фотографиите се дел од публикациите „Седум средновековни цркви во Република Македонија“, „Седум цркви во регионите Пелагонија, Мариово и Преспа“ и „Седум цркви во Охрид“.
Преку фотографскиот објектив, посетителите ќе имаат можност да го следат развојот на христијанската иконографија и фрескосликарството, како и стилските промени во црковната уметност од XI век до почетокот на XIX век.
Посебен акцент е ставен на најзначајните фрескоансамбли, меѓу кои и оние во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид и манастирот „Свети Наум“. Фотографиите сведочат за високите уметнички достигнувања на средновековните зографи, но и за духовниот и културниот живот што со векови се развивал на овие простори.
Организаторите посочуваат дека богатото културно наследство е резултат на вековното испреплетување на различни цивилизации и културни влијанија. Неговото зачувување, заштита и афирмација остануваат важен дел од современата грижа за културното наследство.
Преку изложбата „Низ фотографскиот објектив на Македонида“, фотографијата добива улога не само на уметнички израз, туку и на средство за документирање и доближување на културното наследство до пошироката јавност.
Изложбата ќе биде отворена во петок, 18 септември, со почеток во 19 часот, во Куќата на Робевци во Охрид.
StrugaOnline

