По хуманоста ги препознаваат луѓето: Примариус д-р Слободан Попоски – лекар кој остави трага во Струга
Некои лекари остануваат запаметени по својата стручност, други по бројот на пациенти на кои им помогнале. Но, има и такви кои луѓето ги паметат пред сè по човечноста. Меѓу нив во Струга е и примариус д-р Слободан Попоски, специјалист уролог, кој со децении е препознатлив по својата посветеност кон пациентите, но и по значајната заложба за развојот на нефрологијата во градот.
Неговото професионално патување е тесно поврзано со развојот на здравствената дејност во Струга. Како лекар во Уролошкото одделение, Попоски бил дел од медицинскиот тим кој работел во услови исполнети со предизвици, но и со голем ентузијазам и верба дека со стручност, посветеност и тимска работа може да се создаде нешто значајно за пациентите.
Еден од поважните моменти во развојот на оваа здравствена институција се случил на 7 април 1984 година, кога бил пуштен во употреба новоизградениот нефро-рехабилитационен центар во близина на Струга, на брегот на Охридското Езеро.
Потсетувајќи се на почетоците, д-р Попоски вели дека малкумина верувале дека тогашното Уролошко одделение ќе прерасне во институција од значење за поширокиот регион.
„На почетокот ретко кој веруваше дека Уролошкото одделение во Струга ќе прерасне во медицинска институција, прва од ваков вид во Република Македонија и пошироко во регионот. Нашите почетоци беа тешки, но сите ние што бевме во тој медицински тим тоа го прифативме како хумано-стручен предизвик и успеавме“, се присетува Попоски.
Според неговото сведоштво, тимот работел со голема посветеност, често и деноноќно, воден од уверувањето дека вложувањето во здравјето на луѓето нема цена.
Со текот на годините, стручноста и тимската работа во Заводот за нефрологија во Струга станале препознатливи и надвор од границите на земјата. Покрај пациенти од Македонија, на лекување доаѓале и пациенти од Србија и Словенија, но и од други европски и странски земји, меѓу кои Белгија, Холандија и Либија.
За бројните пациенти со кои се сретнал во текот на својата професионална кариера, д-р Попоски не бил само лекар. Неговиот однос кон пациентите, човечноста и подготвеноста да помогне оставиле трага која, како што сведочат неговите сограѓани, продолжува и денес.
Иако е во пензија, неговата професионална и човечка посветеност не престанала. Пациенти и денес му се обраќаат за совет и помош, а благодарностите што ги добива се своевидно сведоштво за односот што го градел со луѓето низ годините.
Во Струга, неговото име денес се поврзува и со историјата на развојот на нефрологијата. Попоски е автор и на монографија посветена на развојот и работата на Заводот за нефрологија во Струга, во која преку текст и фотографии е документиран патот на оваа здравствена установа – од нејзините почетоци до нејзиниот развој.
Приказната за примариус д-р Слободан Попоски затоа не е само приказна за еден лекар и неговата професија. Таа е и приказна за една генерација здравствени работници која во тешки услови градела институции, развивала медицина и, пред сè, се обидувала да им помогне на луѓето.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

