Со финална конференција во Струга заврши проектот „Веслање без бариери“
Веслачката федерација на Македонија на 30 октомври 2026 година во Струга ја одржа финалната конференција на проектот „Веслање без бариери: Зајакнување на жената и промена на политиките за родова еднаквост во ВФРСМ“. Настанот ги обедини учесниците и претставниците на федерацијата и спортските клубови во заеднички преглед на резултатите, искуствата и можностите за понатамошно унапредување на родовата еднаквост во веслањето.
Во рамки на проектот беше спроведена анализа на родовата еднаквост во Федерацијата и беа подготвени измени на Статутот, Етички кодекс, правилник за постапување при родова дискриминација и родово сензитивни кодекси на однесување. Подготвените документи претставуваат основа за понатамошно усвојување и примена. Дополнително, Федерацијата назначи одговорно лице и Комисија за родова еднаквост и безбедност.
Значаен дел од проектот беа трите обуки одржани во Струга, со вкупно 47 учества. Обуките опфатија мотивација, самодоверба и справување со родовите бариери кај девојките, родово сензитивен и безбеден пристап во спортската средина, како и управување со спортски организации и развој на женското лидерство.
Преку отворените денови во Струга, Охрид и Дебар, децата, младите и останатите посетители имаа можност да се запознаат со веслањето, опремата и правилата за безбедност. Демонстрациите и пробните активности беа проследени со разговори со веслачи и тренери, со акцент на еднаквите можности за девојките и момчињата.
Централниот дел од финалната конференција беше панел-дискусијата на која учесниците споделија искуства од проектот и разговараа за предизвиците поврзани со родовата еднаквост во веслањето. Отворената дискусија со спортската заедница беше посветена на користењето на проектните материјали, продолжувањето на соработката и можните идни активности.
Како насоки за понатамошна работа беа издвоени усвојувањето и примената на подготвените документи, воспоставувањето јасни постапки за заштита од дискриминација, продолжувањето на обуките и поддршката за поголемо учество на жените во управувањето и одлучувањето во спортот.
Со завршувањето на проектот, Федерацијата доби аналитичка основа, подготвени документи и назначени тела за поддршка на родовата еднаквост. Понатамошната работа ќе биде насочена кон нивна примена во секојдневното работење и продолжување на соработката со клубовите и спортската заедница.
Веслачката федерација им се заблагодарува на сите учесници, експерти, обучувачи, клубови и волонтери што придонесоа за реализацијата на проектот.
StrugaOnline

