Хрватската легенда Златко Хорват е нов ракометар на Металург

- Спорт
721

Легендарното десно крило на ППД Загреб и на хрватската репрезентација, Златко Хорват, потпиша едногодишен договор со Металург.

Златко Хорват (35 г., 179 см., 87 кг.) целата своја досегашна ракометна кариера ја мина во ППД Загреб, со кој ги освои сите титули во првенството на Хрватска од 2002 до денес и сите титули во Купот на Хрватска од 2003 година до денес. Со својот клуб е и освојувач на СЕХА-лигата во 2013 година.

Како репрезентативец на Хрватска, Златко Хорват има бронза од ОИ Лондон, сребро и бронза од СП и две сребра и две бронзи од ЕП.

„Наша цел во овој преоден рок е во тимот на сите позиции да имаме по еден искусен ракометар, па така во Металург дојдоа Рниќ, Канкараш и Потиќ, а очекувано беше да донесеме и по еден добар играч на крилните позиции. Прв избор ни беше Гоце Георгиевски, но, откако тој го одбра Вардар, бевме принудени да бараме друг играч. Златко Хорват изгледаше како најдобро решение и по кратки преговори успеавме да се договориме. Тој е среќен што доаѓа во Металург и мислам дека ќе биде идеално засилување за нашиот клуб, во кој тој ќе биде еден од лидерите на екипата. Ангажманот на Хорват се вклопи и во новото правило на РФМ во однос на бројот на странци, бидејќи е стандарден репрезентативец на земја која е во европскиот топ-15“, вели претседателката на Металург Зорица Блажевска, а пренесе rkmetalurg.mk

Извор и фото: rkmetalurg.mk

Facebook Коментари